Велика Британија

Британските здравствени власти информираа дека корона-инфекциите со варијантата омикрон во Велика Британија нагло се шират, а премиерот Борис Џонсон потврди дека починал најмалку еден пациент.
– За жал, да. Омикрон доведува до хоспитализации и досега починал најмалку еден пациент – кажа Џонсон при посетата на клиника за вакцинирање во близината на Лондон.
Според надлежните, само во Лондон 40 проценти од сите позитивни случаи отпаѓаат на сојот омикрон.
– Омикронот се шири во земјата со феноменална брзина, досега не сме виделе вакво нешто – изјави во Лондон британскиот министер за здравство Саџид Џавид.
По првите потврдени случаи на омикрон во Велика Британија од крајот на ноември, премиерот Борис Џонсон воведе построги мерки и ги предупреди своите сонародници од доаѓањето вистински голем бран на вирусот. Иако Владата тогаш воведе строги ограничувања, сепак бројката на инфицирани со новиот сој расте и, според пишувањата, се очекува да стигне до еден милион до крајот на годината. Инаку, варијантата омикрон, откриена првпат во ноември во Јужна Африка и во Хонгконг, според Светската здравствена организација, во меѓувреме е присутна во 60 земји.

Подготвил: Дејан Србиновски