Турција им порача на руските власти да избегнат конфликт со турската војска во провинцијата Идлиб во Сирија, при најавената турска одмазда за нападот на режимот на Башар ал Асад во кој загинаа четворица турски војници, а деветмина беа ранети, кажал турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а пренесува „Дејли Сабах“.

Ердоган посочил дека турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу веќе разговарал со својот руски колега, додека истото планираат да го сторат и турскиот министер за одбрана како и првиот човек на Националната разузнавачка агенција.

Претходно, руското министерство за надворешни работи соопшти дека врз турските сили бил отворен оган од страна на трупите на Асад, кои наводно, целеле кон бунтовниците во областа.