Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека е многу избрзан заклучокот на ЦИА, според кој, саудискиот принц Мохамед бин Салман е нарачателот на убиството на новинарот Џамал Кашоги. Според него, допрва ќе бидат објавени деталите за убиството и можните последици.

– Убиството никогаш не требаше да се случи – истакна Трамп во текот на посетата на Калифорнија.

Трамп додаде дека утре ќе биде објавен извештај, во кој ќе биде објаснето кого американската влада го смета за одговорен за убиството на Кашоги и за тоа какви последици ќе има сето тоа. Реакцијата на американскиот претседател следува само неколку часа откако Стејт департментот објави дека сѐ уште работи на утврдувањето на одговорноста за смртта на саудискиот новинар, кој беше убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Шефот на Белата куќа, сепак, укажа на значењето на Саудиска Арабија како голем сојузник на САД.

– Саудиска Арабија е навистина спектакуларен сојузник во однос на работните места и економскиот развој. Има многу работи што мора да ги земам предвид, при одлуките за мерки против Саудиска Арабија – порача Трамп.