Американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека е подготвен за долготрајна блокада на американската Влада се додека не се реши финансирањето на изградбата на ѕидот на границата со Мексико, јави весникот „Ју Ес Еј Тодеј“.

– Ова е могу важна битка која мора да се добие, изјави тој вчера во Белата куќа пред да замине нa советување со својот персонал во воената база Кемп Дејвид.

По втор пат неделава Трамп сугерираше дека блокадата на Владата, која трае веќе 16 дена, може да предизвика воведување на национална вонредна состојба, што ќе му даде за право да користи воени средства за изградба на ѕидот.

– Владата може да се отвори уште денес, или да биде затворена многу долго, изјави тој.

Демократите ги осудија барањата на Трамп за финансирање на изградбата на ѕидот и за некакво воведување на вонредна состојба во земјата.

-Тоа би било ужасно искористување на доларите за одбрана, Адам Смит, демократски конгресмен од сојузната држава Вашингтон и новиот претседавач со конгресниот Комитет за армиски служби, изјави за телевизијата „Еј-Би-Си“.

Тој го повика претседателот да ја деблокира Владата и да преговара за поголема безбедност на границата со Мексико и „да започне да ја плаќа нашата гранична полиција и патрола и останати 800 илјади вработени во државната администрација кои ги напуштија работните места“ и не примаат плата.

– Претседателот нема никакво разбирање на овој проблем, изјави Смит.

Републиканците и демократите се најдоа во ќорсокак откако не договорија буџет за финансирање на работата на американската федерална влада. Трамп побара 5 милијарди долари за изградба на ѕид на границата со Мексико, додека демократите, кои сега го контролираат Претставничкиот дом, на ја одобруваат изградбата и ја отфрлаат како прескапа и непрактична.

Повикуваат на преговори, но услов за тоа е привремено деблокирање на Владата.

Трамп изјави дека сочувствува со стотиците илјади државни службеници кои не работат или останале на работните места но не се платени.

– Можат да се прилагодат, порача тој.