Жителите на Лејк Џексон во сојузната американска држава Тексас добија предупредување од властите да не пијат вода од чешма поради микробот што се наоѓа во неа и го напаѓа мозокот, пренесува „Би-би-си“

Тестовите за вода покажале присуство на микроб-амебата „Неглерија фоулера“ која го напаѓа мозокот. Оваа амеба предизвикува инфекција на мозокот што може да биде опасна по живот. Ваквата инфекција не е честа појава во Америка, а досега се пријавени 34 случаи во периодот од 2009 до 2018 година.

Официјални лица од Лејк Џексон велат дека ги дезинфицирале резероарите за вода, но не знаат колку тоа ќе трае. Повеќе од 27.000 луѓе живеат во Лејк Џексон. Вкупно осум општини во Тексас добија предупредување да не користат вода, освен во тоалетот.

Властите на Лејк Џексон подоцна рекоа дека луѓето можат да почнат да користат вода, но дека прво мора да ја превријат.

На жителите на ова место им беше кажано да преземат и други мерки, односно да не дозволуваат вода да им влегува во носот додека се тушираат или бањаат. Во предупредувањето се вели дека децата, старите лица и лицата со слаб имунитет се особено загрозени.

Официјални лица велат дека го мијат системот и ќе извршат тестови кога ќе заврши постапката за да се утврди дали водата е безбедна за употреба. Истрагата за квалитетот на водата започна откако шестгодишно момче се заразило со микробот и починало, се вели во изјавата на властите.

Амебата се јавува во слатка вода и се наоѓа насекаде во светот. Луѓето се инфицираат кога водата што ја содржи амебата влегува во носот и стигнува до мозокот. Центарот за инфективни болести и превенција Си-ди-си, објаснува дека луѓето обично се заразуваат кога пливаат или нуркаат во „топли слатководни места“. Луѓето не можат да се заразат ако проголтаат вода што ја содржи амебата и не може да се пренесе од човек на човек. Оние кои ќе се заразат добиваат темература, треска, мачнина со гадење и почнуваат да повраќаат и чувствуваат болка во вратот и главата. Повеќето умираат по една недела. Претходно на почетокот на годинава инфекцијата беше потврдена во американската сојузна држава Флорида.