Синот на контроверзниот бразилски претседател, Жаир Болсонаро, беше цел на критики кога објави фотографија од младата климатска активистка Грета Тунберг, обработена во „Фотошоп“.

Поточно, Едуардо Болсонаро на својот „Твитер“ објави фотографија од Грета како руча додека сиромашни деца гледаат низ прозорецот.

Грета Тунберг на оригиналната фотографија е сликана како јаде во воз, а низ прозорецот може да се види шума. Фотографијата, која е објавена на нејзиниот „Твитер“, е поткрепена и со краток опис, кој гласи: „Ручек во Данска“.
Но, наместо шумата, Болсонаро со помош на „Фотошоп“ додал слика од сиромашни деца, а потоа обработената фотографија ја објави на „Твитер“ и напиша: „Го украдовте моето детство, вели девојчето финансирано од Отворено општество на Џорџ Сорос“.
По оваа објава, Болсонаро Jуниор е цел на критики. Бразилска сенаторка му порача дека неговата објава е многу неодговорна и затоа ќе размисли дали ќе ја разгледа неговата апликација за функцијата нов амбасадор на Бразил во САД.

– Лажните вести денес се зло против кое мора да се бориме во секое демократско општество во светот – рече таа.

Додала и дека очекува Болсонаро да ѝ се извини на Грета Тунберг, на Бразил и на другите земји споменати во неговата објава.