Пакистан сака да отпочне мировни разговори со Индија откако индискиот премиер Нарендра Моди се враќа на власт во Њу Делхи по изборите, пренесува „Ројтерс“.

Но, како предупредување до Индија, Пакистан најави дека исто така спроведе тестирање на ракетниот систем „Шахин 2“, кој може да лансира балистички ракети кои имаат опсег од 2.400 километри.

– „Шахин 2“ е високоспособен ракетен систем што во целост ги задоволува стратешките потреби на Пакистан за одбрана на регионот – се наведува во соопштението на Пакистан, а во кое не се споменува Индија директно.

На средбата на Шангајската организација за соработкакоја се одржа вчера, пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Мехмуд Куреши се сретна со неговиот индиски колега во главниот град на Киргистан, Бишкек, каде дискутираа за ситуацијата помеѓу двете земји.

– Ние никогаш не зборуваме со огорчување, сакаме да живееме како добри соседи и имаме волја да ги решиме нашите нерешени спорови преку разговор – изјави Куреши по средбата.

Ваквата изјава доаѓа по неколкумесечни тензии помеѓу долгогодишните ривали кои беа на работ на војна во февруари, поради спорниот регион Кашмир, за кој двете земји тврдат дека им припаѓа ним откако стекна независност од Велика Британија во 1947 година.

По самоубиствениот бомбашки напад во кој беа убиени 40 членови на индиската паравоена полиција во февруари, индиската авиони во акција нападнаа камп за обука  во Пакистан што тврдеа дека се одговорни за нападот во Кашмир.

Пакистан возврати исто така со авионски напади над Кашмир, во кои индиски авион беше соборен, а пилотот беше заробен. Вклештени во меѓународен притисок и поттикнати да го прекинат конфликтот, Пакистан го ослободи индискиот пилот и ги прекина нападите, но тензиите помеѓу двете земји останаа на високо ниво со редовни размена на артилериски оган од двете страни во регионот Кашмир.

Пакистан исто така ги затвори интернационални авионски линии, попречувајќи авионски летови кон Индија и кон други области во регионот.

Премиерот Имран Кан неколкупати предложи да се отпочнат разговори со Индија за решавање на спорот во Кашмир, а се надеваат дека таквите разговори ќе започнат откако ќе завршат изборите во Индија.