Асиа Биби уште е во затвор, и покрај ослободителната пресуда од Врховниот суд на Пакистан, поради стравувањето за нејзината безбедност и континуираните протести на движењето Терик-е Лабаик Пакистан (ТЛП), објавува интернет-порталот „Азија тајмс“.

Верските фанатици ги блокираа патиштата, палеа автомобили и јавен имот, претепуваа луѓе и бараа смрт за Биби, во текот на тридневните протести во Исламабад и во Лахор, поради пресудата. Насилните демонстранти бараа оставки од судиите кои ја донесоа одлуката за ослободување на Биби, од водечките луѓе во армијата, како и распуштање на владата. 

По тридневните нереди, Владата попушти пред барањата на демонстрантите, согласувајќи се да потпише спогодба за нивно исполнување. Според договорот, Врховниот суд е должен да ја разгледа петицијата против ослободувањето на Биби, која доби и забрана за напуштање на земјата. Властите се согласиле и да ги ослободат луѓето кои уништиле јавен имот во протестите и да ги повлечат обвиненијата против нив. Згора, државата се обврзала дека нема да прави измени во делот од уставот што се однесува на случаите на богохулие.

Сопругот на Биби, Асих Масик, кој се крие заедно со нивните пет деца, побара засолниште од САД, Канада, Италија и од други европски држави, преку видео-порака. Италијанскиот заменик-премиер Матео Салвини јавно порача дека неговата држава ќе се заземе за слободата на Биби, на која во случај на добивање на азил, би и пружиле слична заштита како на лицата што се под закана од мафијата. Адвокатот на Биби, Асиф Мулук, избегал во Холандија, каде што бара азил поради смртните закани што ги добивал.

Христијанката Биби помина осум години во затвор чекајќи смртна казна, откако беше осудена за богохулие поради наводна навреда на пророкот Мухамед. Врховниот суд на Пакистан минатата недела ја поништи пресудата, утврдувајќи дека таа била лажно обвинета од муслиманка со која заедно работеле, берејќи овошје. Обвинувањата произлегле од нивна караница откако Биби пиела вода од чаша што ја донела за нив, што не смеела да го стори според жената што ги изнела лажните тврдења.

Законот за богохулие на Пакистан досега беше користен за безмилосен прогон на верските малцинства поради богохулие кон исламот. Воведувањето на клаузулата што се однесува на исламот во 1987 година, го зголеми бројот на обвинувања на 1.335 до 2015 година. Претходно, имаше само седум обвинувања помеѓу 1927 и 1986 година.