Според последните информации, најмалку 25 лица загинале и околу 300 се повредени при ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала, соопшти Цивилната заштита.

– Вулканот продолжува да еруптира и постои голема веројатност од лавини од остатоци од лава – изјави директорот на Цивилната заштита Еди Санчес.

Фуего, кој е еден од најактивните вулкани во Централна Америка, вчера исфрлил стопени карпи, црн чад и пепел по што бил затворен аеродромот „Аурора“ во главниот град Гватемала и биле евакуирани дел од жителите на градот. Неколку часа подоцна, вулканот почна да исфрла лава со температура до 700 степени Целзиусови, соопшти директорот на Гватемалскиот институт за сеизмологија и вулканологија.

Активниот вулкан е на 25 километри југозападно од главниот град Гватемала и висок е 3.763 метри. Од околината на вулканот евакуирани се 3.100 лица.