Луѓето што го познавале Гери Монтез Мартин (45) не можат да сфатат дека тој извршил оружен напад во кој уби пет луѓе и рани шестмина полицајци во индустриска зона во Аурора, САД, пред и самиот да биде усмртен од полицијата, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“. Мартин добил отказ од работа во текот на вчерашниот ден, по што го извел нападот во индустрискиот комплекс во кој работел 15 години, според полицијата. 

– Тој доаѓаше секојдневно за да купи цигари. Секогаш кога ќе влезеше во продавницата имаше насмевка. Бев изненаден кога дознав дека тој пукал, бидејќи не го очекував тоа од него. Тој веројатно беше последниот човек за кого би помислил дека може да изведе оружен напад – вели Рикардо Морено, вработен во продавница во близина на домот на Мартин, додавајќи оти напаѓачот секогаш бил пријатен и среќен муштерија со кого честопати разговарале.

Мартин бил во продавницата неколку часа пред да го изведе нападот. Неговиот сосед Стив Спизевски кој живеел во истиот станбен комплекс, исто така, често разговарал со Мартин.

– Го сметав за пријател, но тоа што го стори е страшно. Уште сум во шок. Гери можеби изгледаше како жесток човек, но никогаш не сметав дека е злобен. Разговаравме, често седевме заедно, понекогаш имавме заеднички ручеци – објаснува Спизевски, додавајќи оти Мартин си играл дронови и со автомобили на далечинско управување.

Блиските на Гери Мартин уште не можат да поверуваат дека тој пукал