Вашингтон – Американските власти планираат санкции кон Русија поради поддршката за претседателот Николас Мадуро. Американскиот претставник задолжен за Венецуела, Елиот Абрамс, порача дека администрацијата во Вашингтон разгледува каква улога има Русија. САД воведоа серија санкции кон Венецуела по претседателските избори во 2018 година, на кои победи Мадуро. Опозицијата поддржана од Вашингтон не ги признава тие изборни резултати.

Анкара – Турскиот извоз на оружје во 2019 година се зголемил за 36,4 отсто во споредба со една година претходно и изнесува над 2,7 милијарди долари. Речиси двојно е зголемен извозот во земјите од Блискиот Исток, каде што е продадено оружје во вредност од 710 милион долари. Најголем извоз од 841,3 милион долари е реализиран во северноамериканската зона за слободна трговија, во која се и САД.

Гелзенкирхен – Германската полиција уби 37-годишен маж во западниот дел на земјата, откако тој се обидел со нож да нападне неколку полициски службеници. Напаѓачот, чие име не е соопштено, прво нападнал полициско возило пред полициската станица во Гелзенкирхен, а потоа им пришол на службениците вооружен со нож, изјавил портпаролот на полицијата. Тој не запрел и покрај предупредувањата од полицијата, по што на него пукал 27-годишен полицаец. Локалните медиуми соопштија дека напаѓачот наводно бил турски државјанин, но сѐ уште не е познато дали имал германски пасош.

Истанбул – Авион „боинг 737-800“, кој полетал од Обединетите Арапски Емирати на нискобуџетната турска компанија „Пегасус“, се излизгал од пистата додека слетувал на аеродромот „Сабиха Гокчен“ во Истанбул. Патниците биле евакуирани, а аеродромот бил привремено затворен. Канцеларијата на градоначалникот на Истанбул соопштила дека во инцидентот нема жртви или повредени и дека сите 164 патници биле безбедно евакуирани. Најверојатно, причината за инцидентот биле силниот ветер и дождот.