Канбера – Австралиската безбедносна разузнавачка служба соопшти дека веќе ги истражува медиумските извештаи според кои Кина се обидела да инфилтрира шпион во парламентот во Канбера. Австралиската телевизија Канал 9 јави дека Кина наводно му понудила околу 680.000 долари на продавачот на луксузни возила Бо Ник Жао да се кандидира за пратеничко место од редовите на владејачката Либерална партија, на која тој веќе бил член. Жао во март беше пронајден мртов во хотелска соба во Мелбурн.

Лондон – Возачот на камионот-ладилник што беше откриен во источен Лондон со тела на 39 мигранти ја призна вината за вмешаност во шверцување илегални мигранти. Морис Робинсон (25), кој беше член на меѓународна група шверцери на мигранти, е обвинет за убиство на група мажи, жени и деца, пронајдени мртви во ладилникот.

Анкара – Турски безбедносни извори тврдат дека Турција нема да ја продолжи воената офанзива во североисточна Сирија. Операцијата на Анкара против курдските сили по должината на сириската граница, кои Турција ги смета за терористи, траеше девет дена на средината на октомври. На 17 октомври, Анкара се согласи на американскиот прекин на огнот пет дена, за да им дозволи на курдските сили да се повлечат од областа.

Брисел – Советот на Европската Унија даде зелено светло за новиот состав на Европската комисија, на чело со новоизбраната претседателка Урсула фон дер Лејен. Европарламентот ќе гласа за новата ЕК на утрешната седница, на која се очекува тимот на Фон дер Лејен да биде одобрен, но со тесно мнозинство. Доколку европратениците ја поддржат новата ЕК, таа би требало да почне со работа на 2 декември.