Проширувањето на членот 5 од договорот за основање на НАТО, кој денеска ќе биде продолжен, им овозможува на членките на Алијансата да одговорат и на напади во вселената.

– Денеска лидерите на НАТО ќе ја прошират примената на клаузулата за колективна одговорност, односно членот 5 од основачкиот договор на НАТО „сите за еден, еден за сите“, така што членките на Алијансата ќе бидат подготвени да одговорат на вселенските напади – изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Членот 5 од основачкиот договор на НАТО вели дека напад врз кој било од 30-те сојузници ќе се смета за напад врз сите нив. Досега, тоа се применуваше само на повеќе традиционални воени напади на копно, море или во воздух, а неодамна и во сајбер-просторот.

– На овој самит ќе ставиме до знаење дека, се разбира, секој напад врз вселенските капацитети, како што се сателити и слично, или напад од вселената, може да го активира членот 5 – рече Столтенберг, неколку часа пред да претседава со Самитот со американскиот претседател Џо Бајден и неговите колеги.

Речиси 2.000 сателити кружат околу Земјата, а со повеќе од половината управуваат членките на НАТО, опфаќајќи речиси сè – од мобилни телефони и банкарски услуги до временски прогнози.

Воените команданти се потпираат на некои од нив за навигација, комуникација и размена на разузнавачки информации. Во декември 2019 година, лидерите на НАТО го прогласија вселенскиот простор за петти домен на операциите на Алијансата, по копно, море, воздух и сајбер простор.

Многу земји-членки се загрижени за, како што велат, сè поагресивното однесување на Кина и Русија во вселената. Околу 80 земји имаат сателити, а на тоа поле се појавуваат се повеќе приватни компании.