Европскиот комесар за миграција, Димитрис Аврамопулос денеска најави дека шемите за задолжителна релокација на мигранти, на кои долго време инсистираше Европската Комисија, ќе се сведат на волонтерска основа.

Од седум потребни мерки за реформа на заедничката политика на азил на ЕУ, Аврамопулос побара од Европскиот Парламент да усвои само пет, изоставајќи ја регулативата Даблин и регулативата за процедура на азил, за кои земјите членки ќе треба да се пријавуваат на волонтерска основа. Тој додаде дека е време да се биде “прагматичен“.

Планот за релокација на мигранти конзистентно го отфрлаат четирите земји од Вишеградската група, Полска, Чешка, Унгарија и Словачка.

Досега, според ЕУ регулативата товарот за процесуирање на барањата за азил беше на првата земја во која влегол мигрантот. Со реформата на регулативата и планот за задолжителна релокација требаше да им се олесни товарот пред сѐ на јужните земји како Италија и Грција.