ЕУ изрази олеснување, откако се покажа дека рускиот новинар Аркадиј Бабченко, кој живее во егзил во Украина и за кој вчера беше објавено дека е убиен, е жив.

ЕУ вчера го осуди убиството на Бабченко кога исфабрикуваната вест беше соопштена од страна на властите во Киев. 

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани и Маја Коцијанчич, портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, изразија олеснување дека рускиот новинар, критичар на Кремљ, е жив. 

Ниту Тајани ниту Могорини не ги коментираат објаснувањата на украинските власти.

На денешниот брифинг, шефот на Службата за безбедност на Украина, Василиј Хритсак, рече дека убиството на Бабченко било исценирано во рамки на специјалната операција за да се спречи вистински заговор за атентат врз новинарот. 

Тој додаде дека украинските истражители идентификувале украински државјанин, на кого наводно руската безбедносна служба му платила 40.000 долари за убиството на Бабченко.