Поради појавата на мутирана верзија на коронавирусот во Велика Британија, континенталните земји од Европа засилено се изолираат од Обединетото Кралство. Западните агенции јавуваат дека континенталниот дел од Европа сѐ повеќе се изолира и ги суспендира сообраќајните врски со Велика Британија. Откако Франција ја затвори границата кон Велика Британија, затворени се британското важно пристаниште Довер на каналот Ла Манш и Евротунелот. По француските чекори на претпазливост, и холандската влада веќе не дозволува влез за патници од фериботите од Велика Британија.
Во меѓувреме, следејќи ги случувањата на Островот, амбасадорите на земјите од Европската Унија вчера во Брисел, според плановите, требаше да одржат состанок за ново ограничување на движењето поради појавата на нов вид коронавирус во Британија. Неколку земји на ЕУ, меѓу кои се и Австрија, Белгија, Франција, Германија, Ирска, Италија и Холандија, најавија дека ќе го прекинат воздушниот сообраќај, а некои од нив и железничките и поморските врски со Британија. Одлуката е донесена откако британскиот премиер Борис Џонсон воведе карантин во Лондон и во дел од Англија во саботата, по појавата на тој вирус.