Во тек е завршната фаза од реконструкцијата на Железничката станица во Гевгелија, информираат во Општината. До нова година, во станицата ќе има нова чекалница, билетарница, нови санитарни јазли, а ќе бидат обновени и другите простории. Се санира и се обновува фасадата на објектот, со што Железничката станица ќе добие нов лик.
– Станува збор за објект што е прогласен за споменик на културата, поради што и реконструкцијата беше забавена. Имено, преостанатите 10 железнички станици во земјата веќе се завршени, во рамките на проектот „ЕУ за тебе“ на делегацијата на Европската Унија, а кој се финансира со донација од шпанската влада – информираат во Општината.
Железничката станица во Гевгелија е изградена во 1874 година. Таа го задржува стариот лик на фасадата. Најавена е и можност за урбано уредување на просторот околу старата локомотива што се наоѓа пред Железничката станица во Гевгелија, простор што сега е запуштен.