Десетици илјади луѓе се приклучија денеска на Парадата на гордоста во Варшава, во време кога правата на хомосексуалците стануваат главно прашање во предизборната кампања во Полска.

Владејачката партија „Право и правда“ тврди дека поддршката која опозицијата ја дава за ЛГБТ заедницата претставува закана за полската култура и вредности.

„Право и правда“ поголем дел од кампањата за изборите во Европскиот парламент минатиот месец, ја водеше третирајќи ја ЛГБТ заедницата како непријател, а тоа, најверојатно, ќе остане главна тема во кампањата за националните избори кои ќе се одржат во октомври или ноември, пренесе „Ројтерс“.

Аналитичарите тврдат дека „Право и правда“ се надева оти ќе ја обнови својата главно рурална база на гласачи, ветувајќи дека ќе се дистанцира од западниот либерализам и дека партијата би имала корист од продлабочувањето на поделбите во општеството, поради политиките кон малцинските групи, животната средина, абортусот и миграцијата.