Дванаесетгодишно девојче од Бахами беше одделено од семејството од страна на американската имиграциска служба откако избегала во САД по ураганот Доријан, кој го уништи нејзиното родно место.

Кејтора Пол била одземена од рацете на нејзината кума откако пристигнала на аеродромот во Вест Палм Бич во јужна Флорида.

Кејти Пол, мајката на Кејтора, за „Мајами Хералд“ изјавила дека нејзината ќерка била разделена од кумата затоа што не биле во крвно сродство.

Девојчето моментално е сместено во дом за деца без родители, а американското министерство за здравство и социјала (ДХС) е задолжено за нејзиното старателство. Американската служба за гранична контрола (ЦБП) не можела да стапи во контакт со семејството на Кејтора, па затоа ДХС морал да го преземе случајот.

Според протоколот на ЦБП, сите ранливи деца мора бидат заштитени од експлоатација, трговија со луѓе, а особено во вонредни состојби и природни катастрофи. Службата веќе стапи во контакт со мајката и преку службите на ДХС работат на случајот да ги потврдат старателите на детето и повторно да го обединат семејството.

Кејти Пол, која заминала во САД веднаш откако ќерката ѝ била одземена, изјави дека тоа било тежок удар за неа откако претходно ураганот целосно го уништил нивниот дом на Бахами.

Процедурата за враќање на девојчето во семејството може да потрае неколку месеци. Кејт вели дека може да поднесе барање до ДХС за да биде привремен старател, но во него мора да се наведат лични документи, изводи на родени и други потребни информации.

Мајката во САД може да престојува најдоцна до 26 септември.

Подготвила: Билјана Здравковска