Кампањата ќе биде брза. Ова беше ветувањето на одметнатиот либиски генерал Халифа Хафтар до неговите поддржувачи дома и во странство кога ја покрена офанзивата против меѓународно признаената влада во Триполи, во април минатата година, пренесува „Ал Џезира“.

Но по повеќе од една година, неговата Либиска национална армија (ЛНА) не може да е подалеку од нејзината цел за заземање на градот со 2,3 милиони жители.

На 14 април таа го претрпе најголемиот неуспех досега, кога контраофанзивата на владините сили (ГНА) доведе до губење седум западни градови кои беа под нејзина контрола, на подрачјето од главниот град до границата со Тунис.

– Губењето на подрачјето од околу 500 квадратни километри од страна на Хафтар е настан од големо значење за него, како и за неговите поддржувачи – истакна турскиот колумнист Валид Ратима.

Глобалниот удар врз економијата предизвикан од коронавирусот отвори прашања за одржливоста на проектот на Хафтар. Тоа се прашања кои нема да исчезнат од мислите на неговите меѓународни поддржувачи, вели Ратима.

– Цената на поддршката за Хафтар, и финансиска и материјална, станува претежок товар за Обединетите Арапски Емирати. Неговите порази, порано или подоцна, ќе ги принудат неговите поддржувачи да пронајдат други решенија, други личности, или други начини за постигнување на целите – смета Ратима.

Не се знае колку ГНА ќе може и ќе сака да навлезе на територијата контролирана од Хафтар. Способноста за нејзино снабдување од страна на Турција наиде на компликации од страна на неодамнешната поморска мисија на ЕУ чија цел е засилување на ембаргото на ОН. За разлика од поддржувачите на Хафтар кои ја користат источната граница со Египет за снабдување со оружје, морето е единствена рута до Триполи за Турција. „Араб Викли“ објави дека Турција успеала да испрати дополнителна опрема и борци на помош на ГНА.

Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и на Италија упатија заедничка изјава во која ги повикуваат завојуваните страни на прекин на огнот.