Кога станува збор за геополитичките „борби со храна“, спротивставувањето на Русија и на Франција околу шампањот може да се опише како „шлагот на тортата“, пишува „Политико“. Рускиот претседател Владимир Путин во петокот го потпиша законот со кој ќе се забрани странските производители на пенливо вино да го користат терминот „шампањ“, а ќе важи дури и за шампањот произведен во познатиот француски регион Шампања, од каде што потекнува и името на пенливото вино. Терминот ќе може да се користи само за шампањ од руско производство.

Овој потег беше пречекан со неверување во Франција, која има строги правила за заштита на името и угледот на нивното пенливо вино. Главната индустриска групација од Шампањ вчера ги повика сите производители да го запрат извозот во Русија.

– Луѓето од Шампања ги повикуваат француската и европската дипломатија да се обидат да го изменат овој неприфатлив закон. Спречувањето да го користиме името Шампањ напишано на кирилично писмо е скандалозно, тоа е наше заедничко наследство – стои во заедничката изјава на копретседателите на Комитетот за шампањ, Максим Тубар и Жан-Мари Бариер. Комитетот го повика францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан да се вклучи во спорот.

Компанијата привремено ќе го прекине извозот во Русија додека да ги процени последиците од оваа нова регулатива. Истовремено, вредноста на акциите на рускиот производител на шампањ „Абрау-Дурсо“ порасна за 7,7 отсто.

Александар Ставстев, главен уредник на рускиот Информативен центар за малопродажба на вино, процени дека законот би можел да вклучува промена на етикетите на околу 20.000 брендови на шампањ.

Француските медиуми шпекулираат дека ваквата постапка на Русија можеби е обид да се возобнови производството на руското шампањско од Крим, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година. Исто така, Русија го забрани увозот на сирење од Европа, што резултираше со голем поттик за руските производители.