Џони Хту и неговиот брат-близнак Лутер командуваа со „божјата армија“ кога беа деца во Мјанмар. Нивните борци кои учествуваа во една од најдолготрајните граѓански војни, веруваа дека Џони и Лутер Хту можат магично да ги заштитат од куршуми, пишува „Њујорк тајмс“.

 – Тоа е како супермоќ во филм. Знаете дека пукаат во вас, но куршумите не ве погодуваат – објаснува Џони.

Џони Хту

На крајот на минатиот век кога Џони и Лутер беа на деветгодишна возраст, ја преземаа командата врз цивилната милиција на регионот Карен, која броеше стотоци припадници организирани во заштита на тамошната етничка група од армијата на Мјанмар. Следбениците на близнаците веруваа дека тие можат со молитва да создадат баталјон од невидливи војници испратени од бога, како и дека Џони може да чекори по вода. Децата-војници го привлекоа вниманието на светската јавност кога нивната побуна беше насилно згасната. Барем 100 борци од „божјата армија“ беа убиени во битките, а многумина беа тешко ранети. Бунтовниците од регионот Карен, кој има пет милиони жители, се бореа против државата уште откако државата претходно позната како Бурма стекна независност во 1948 година. 

Лутер Хту

Две децении подоцна мистиката на близнаците Хту и натаму опстојува. Тие ја претставуваат последната врска со некогашниот дом за нивните почитувачи кои се раселени низ светот, од Тајланд па до САД. Лутер се врати во Мјанмар откако бараше азил како бегалец во Шведска, а Џони сега живее во Тајланд. Нивните мајка, сестра и роднини се населија во Окленд, Нов Зеланд, каде што 12 луѓе живеат во една куќа. Нивните рани зацелија, но тие уште се справаат со траумата од војната и со животот како бегалци. Џони кој сега има 32 години се справува со алкохолизам, слично како и неговиот брат, а стотоци километри оддалечен од него е Лутер, чие тело е прекриено со тетоважи и лузни од прострелните рани здобиени во војната. Двајцата се невработени.

Џони (лево) и Лутер Хту во 1999 година

„Божјата армија“ беше составена главно од сираците на војната. Војниците се молеа, а потоа ги креваа близнаците на раменици за време на битка, како своевидни амајлии. Правилата на „божјата армија“ беа засновани на строго толкување на христијанството. Беа забранети јајца, свињско месо, алкохол, како и лажење и пцуење. Стиховите од библијата беа користени како директиви во битките.

 – Не пиевме алкохол, се молевме секој ден и баравме од бога да не` заштити. Бевме отпорни на куршуми  – вели поранешниот припадник на армијата Ех На Вах.

Припадниците на „божјата армија“ земаа заложници во болница во Рачабури во Тајланд во 2000 година, по што тајландската војска одговори жестоко. Борците кои земаа заложници беа убиени и тоа доведе до крајот на „божјата армија“. Џони и Лутер тогаш имаа по 13 години и не учествуваа во упадот во болницата.

Во Мјанмар примирјето не ги донесе посакуваните резултати. Поделбите повторно излегуваат на виделина во пресрет на националните избори закажани за ноември. А Џони и Лутер сонуваат за ноа „божја армија“.

– Сакаме да се бориме повторно, за мир. Сакаме да го сториме ова не само за Карените, туку за целиот народ во Бурма – вели Лутер.

Но политичките претставници на народот Карени не веруваат дека тоа ќе се случи, иако браќата уште имаат следбеници.

– Тие ги загубија магичните моќи. Можеби порано беа нешто, но сега не е така – вели Падох Со Хсер Бве.