Стивен Милер, еден од најблиските советници на претседателот Доналд Трамп, доцна во вторникот соопшти дека е позитивен на ковид-19. Милер е најновиот заразен од најтесниот круг на претседателот. Откако Трамп и неговата сопруга Меланија соопштија дека се позитивни на коронавирусот, во Белата куќа беа регистрирани и други случаи, како кај Ник Луна, кој раководи со операцијата „Овален кабинет“. Тој го придружуваше Трамп во Кливленд за претседателската дебата и беше во претседателскиот авион кога Хоуп Хикс почна да ги чувствува симптомите.
Прославата во градината со розите во Белата куќа, во чест на судијката Ејми Кони Барет на 26 септември, се поврзува со инфекциите. Најмалку 11 лица, вклучувајќи го и претседателот, можеби се заразиле токму на прославата, а сенаторите Том Тилис и Мајк Ли исто така беа присутни и потоа кај нив беше откриена болеста. Во понеделникот прес-секретарката Кејли Мекенани соопшти дека е позитивна на вирусот, а потоа и нејзините заменици, што предизвикува сомнеж колку е раширена болеста во западното крило.
Меѓу другите заразени со ковид-19 се Кимберли Гилфојл, девојката на најстариот син на претседателот Трамп, возач во Белата куќа и Кејти Милер, прес-секретарката на потпретседателот Мајк Пенс. Херман Кејн, поранешен републикански претседателски кандидат и сојузник на Трамп, почина од вирусот во јули, откако присуствуваше на митинг на претседателот во Тулса, Оклахома. Само неколку часа откако Мекенани соопшти дека се заразила со ковид-19, Трамп повторно ја отфрли пандемијата, која уби над 210.000 лица во САД, и им порача на Американците „да не се плашат од болеста“.