Според магазинот „Форин полиси“, односот на сојузничките сили со Турција во НАТО одамна е нарушен, но улогата на Анкара во конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан само дополнително ги разгорува тензиите во Алијансата

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за спорниот регион Нагорно Карабах поттикна нови тензии во рамките на НАТО, со тоа што сојузничките вршат притисок врз Турција да ја намали агресивната надворешна политика и да поддржи прекин на огнот на Кавказот. Со разгорувањето на конфликтот за спорната територија во текот на минатата недела, во кој загинаа над 200 лица, а стотици беа повредени, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, побара од Турција да ги смири тензиите, со оглед на долгогодишната поддршка на Азербејџан, пренесува „Форин полиси“.
– Многу сме загрижени за ескалацијата на судирите. Сите страни веднаш треба да го прекинат огнот. Очекувам од Турција да го примени своето значајно влијание во смирување на тензиите – порача Столтенберг за време на посетата на турскиот главен град Анкара минатата недела. Но Турција е цврсто решена во своите намери, па, така, го игнорираше заедничкиот апел на САД, Франција и на Русија за итен прекин на огнот во Нагорно Карабах.
– Ги разгледавме апелите од светот за итен прекин на огнот. Но потоа што? Досега веќе имавме примирје, но што се случи потоа? – истакна турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во вторникот за време на посетата на Азербејџан.

Паралелно на ова, како што наведува „Форин полиси“, во последователните кризи во изминатите неколку години, турските односи со многу членки на НАТО се заладија, но никогаш не пропаднаа во целост. Турција го набави рускиот систем за воздушна одбрана и го налути Вашингтон. Турција им се спротивстави на Грција и на Франција во источниот дел на Медитеранот, ја нападна североисточна Сирија и се вмеша во Граѓанската војна во Либија. Сево ова следуваше откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зазеде поавторитарен пристап по неуспешниот обид за пуч во 2016 година. Многумина се прашуваат каде ќе биде пресвртницата и колку таа е блиску, особено со шансите власта во САД да ја добие претседателскиот кандидат Џо Бајден, кој сигнализира поцврст став кон Турција за разлика од администрацијата на Трамп, пишува „Форин полиси“. Од друга страна, турското мешање во конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија, вклучувајќи ја употребата на сириски платеници што служат како нејзина заменичка војска, ги стави дел од моќните членки на НАТО во невообичаена позиција да ја координираат нивната порака со Москва, која одамна ја поддржува Ерменија. (Многу членки на Алијансата се на страната на Турција во тековните конфликти во Сирија и во Либија). Аналитичарите стравуваат дека конфликтот би можел да предизвика пошироки регионални конфронтации, затоа што Турција и Израел имаат блиски безбедносни врски со Азербејџан, Русија има одбранбен пакт со Ерменија, а соседен Иран сака да игра посредничка улога во конфликтот.

Најновиот конфликт веќе се одрази во рамките на НАТО. Канада оваа недела соопшти дека стопирала дел од продажбата на оружја за Турција по тврдењата дека нејзина опрема користеле азербејџанските сили. Турското министерство за одбрана брзо возврати, обвинувајќи ја Канада за „двојни стандарди“ со тоа што продолжила да извезува оружје за земји вклучени во војната во Јемен. Конвенционалното вршење притисок може да даде слаби резултати. Експертите велат дека Турција усовршува стил на борби со платеници, со поддршка на дронови за блиска воздушна поддршка и се изложува на големи пропагандни удари, ако не гарантира успеси на бојното поле. Турската воена пропаганда може да остави траен, но и силен впечаток за моќта на Анкара на бојното поле, како што покажа битката во спорната сириска провинција Идлиб на почетокот од оваа година. Ако билатералните тензии се прелеат врз ставовите на НАТО, тоа може да го ограничи капацитетот на Алијансата да носи одлуки во други важни области, како Русија, Блискиот Исток или други закани по неа, пишува угледниот магазин. Во исто време НАТО функционира врз основа на консензуално носење одлуки што значи дека мора сите 30 членки да се согласни. Турција е во НАТО речиси 70 години главно поради тоа што се наоѓа на јужното крило, го чува влезот во Црно Море и служи како коридор до Блискиот Исток.

Таа геополитичка предност остава голем простор за маневри, додава во својата анализа магазинот „Форин полиси“.
– Турција во последните години зазеде поцврст став во надворешната политика. САД и Европа се свесни дека е подобро Турција да биде нивна сојузничка, но тоа не значи дека Турција е трн во сечие око – смета Рејчел Рицо, експертка за трансатлантска безбедност во проектот за национална безбедност „Труман“.
Во меѓувреме, погрешните чекори на Турција го налутија Конгресот, но не и администрацијата на Трамп. Демократските и републиканските пратеници постојано вршат притисок врз администрацијата да преземе поцврст став во однос на Турција.