Ирачкиот Парламент вечерва го избра Бархам Салих за нов претседател на Ирак.

На парламентарната седница, „за“ изборот на Салих гласаа 220 од вкупно 273-цата присутни пратеници. Ирачкиот Парламенет има 329 пратеници.

Салих, кој е член на Патриотската унија на Курдистан, беше ирачки вице-премиер од јуни 2004 до мај 2005 и од мај 2006 до август 2009 година, како и премиер на автономниот регион Ирачки Курдистан од октомври 2009 до април 2012 година.

Во септември 2017 година Салих ја напушти Патриотската унија на Курдистан поради несогласување со партискиот лидер Џалал Талабани и ја формираше опозициската партија Коалиција за демократија и правда. Меѓутоа, по смртта на Талабани, Салих годинава се врати во редовите на Патриотската унија на Курдистан. 

Крајниот рок на Парламентот во Багдад за избор на нов претседател на Ирак по изборите одржани во мај годинава, истекуваше денеска.

Салих сега има рок од 15 дена да именува мандатар за состав на новата ирачка влада, кој потоа ќе има 30 дена до Парламнето да го достави предлог-составот на неговиот кабинет. 

Согласно неофицијалниот договор меѓу ирачките политички субјект по уривањето на режимот на Садам Хусеин во 2003 година, на функцијата претседател на Ирак, која е во најголема мерка церемонијална, се избира Курд, на премиерската – шиитски Арап, а на местото прв човек на Парламентот – сунитски Арап.