Заменикот на Хуан Гваидо, лидерот на опозицијата во Венецуела, беше притворен од страна на разузнавачките служби на земјата, пренесува Би-би-си.

Едгар Замбрано, потпретседател на националното собрание, одбил да го напушти своето возило кога му пришла полицијата и поради тоа, тој заедно со неговиот автомобил биле однесени во затвор.

По обидите да се разгори воен бунт против претседателот Николас Мадуро минатата недела, ова е прво апсење на лице од опозицијата.

Гваидо е признаен за привремен претседател на Венецуела од повеќе од 50 нации.

Лидерот на партијата за демократската акција, Карлос Проспери, за новинарите изјавил дека тој бил на средбата со партијата и Замбрано во главниот град Каракас, кратко пред тој да биде уапсен од страна на агентите од Боливарианската разузнавачка служба на Венецуела (Себин).

– Возилото беше опколено. Агентите на Себин не нѝ дозволија да дојдеме до него. Тие донесоа камион за влечење и неговиот автомобил беше одвлечен. Не знаеме ништо за физичката состојба во која се наоѓа тој сега и не знаеме што се случува во затворот „Ел Хеликоиде“, каде што мислиме дека е сместен во моментов – изјавил Проспери.

Гваидо на својот профил на Твитер објави дека апсењето на Замбрано и одвлекувањето на неговиот автомобил е апсурдно.