Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја поддржа одлуката на Нигерија за забрана на социјалната платформа Твитер, откако претходно од неа беше отстранета објава на нигерискиот претседател Мухамед Бухари, пренесува „Би-би-си“.
– Кои се Твитер да кажат што е добро, а што лошо, кога и тие самите се лоши – изјави Трамп, повикувајќи ги и другите земји да ја забранат платформата, заедно со Фејсбук, поради, како што рече, „забранување на слободата на говор“.
Трамп доби забрана од двете платформи по немирите во Вашингтон кои се одржаа во јануари, поради наводно одобрување и поттикнување на примена на насилство за време на упадот во Сенатот.
Додека забраната на Твитер е трајна, Фејсбук минатата недела објави дека забраната на Трамп, вклучително и онаа на профилот на Инстаграм, ќе трае најмалку две години.
Нигериската Влада го суспендираше Твитер на нејзина територија, два дена откако социјалната мрежа ја повлече објавата на претседателот Бухари, во која тој ја спомена серијата напади врз државните служби.
– Оние кои лошо се однесуваат денес, треба да бидат третирани со јазикот што го разбираат – стоеше во твитот на Бухари, со кој алудираше на граѓанската војна во Нигерија од 1967 до 1970 година.
Министерот за информации на Нигерија, Лаи Мохамед, изјави дека водачот на сепаратистичката група „Ипоб“, Намди Кану, ја користи платформата за напади против владата. Многумина Нигеријци, вклучително и истакнати политичари, медиуми и верски организации, продолжуваат да го користат Твитер благодарение на Виртуелните приватни мрежи (ВПН).