Премиерката на Финска, Сана Марин, деновиве се најде на осуда од јавноста поради висината на месечната сметка што ги покрива трошоците за појадок во официјалната резиденција, пренесува „Политико“.
Финскиот дневен весник „Илталехи“ завчера објави дека на Марин и следуваат околу 850 евра месечно, кои покриваат дневни оброци додека таа ја врши службената функција. Сепак, висината на сметката е трипати поголема во однос на претходно пријавената сума од 300 евра.
Во соопштение објавено од канцеларијата на Марин потврдија дека трошоците на премиерката за користење кетеринг-услуги во официјалната резиденција изнесувале 14.363,2 евра од јануари минатата година до мај годинава, или просечно околу 845 евра месечно.
Марин изјави дека таа само ги следела правилата за поднесок за хранарина, како што ѝ било објаснето кога ја преземала функцијата во 2019 година. Полицијата во Хелсинки соопшти дека одлучила да се испита случајот. Истрагата ќе ги разгледа постапките на вработените во официјанлата резиденција и тоа како дошло до трипати поголемата сума. Премиерката, сепак, не е дел од истрагата.
Марин го искористи случајот со хранарината за да ги демантира шпекулациите дека народни пари биле употребени за нејзината венчавка минатата година.
Исто како и во останатите земји од Европската унија, скандали за трошење народни пари ја тресат и Финска. Минатата година, министерката за финансии, Катри Кулмуни, даде оставка откако беа покренати прашања во врска со јавните пари потрошени за обука за медиумите.
Засега, експертите сметаат дека Марин нема да ја изгуби позицијата поради случајот околу додатокот за храна. Сепак, таа се откажа од додатокот за хранарина и отсега ќе плаќа за оброците од сопствени пари.