Овациите во Бугарија за македонскиот пијанист Симон Трпчевски како повод

Македонскиот пијанист Симон Трпчески викендов во Софија го имаше својот деби-настап со Софиската филхармонија, во познатата сала „Бугарија“. По покана од неговите големи пријатели, виолинистот Александар Краповски и бугарскиот виолончелист Александар Сомов, под диригентската палка на Григор Паликаров, на програмата беше Тројниот концерт за виолина, виолончело, пијано и оркестар од Бетовен. Концертот наиде на убав прием кај софиската публика, маестро Трпчевски и музичарите беа испратени со долг аплауз од публиката, меѓу кои беа и министрите за култура на Македонија и на Бугарија, Ирена Стефоска и Велислав Минеков, како и преставници на културните институции и на дипломатскиот кор. Симон Трпчески во јунскиот распоред на своите настапи го има вброено и концертот како солист со Санктпетербуршката филхармонија и со диригентот Николај Алексеев на нивната матична сцена, потоа и двата концерта со Симфонискиот оркестар на регионот Астуриас во Шпанија, како и концертот на затворањето на сезоната на Романскиот радиски камерен оркестар во Букурешт, под палката на актуелниот шеф-диригент и на македонските филхармоничари, Габриел Бебешелеа. На овој концерт се поканети и играчите и стручниот штаб од македонската фудбалска репрезентација, како поддршка за нивните историски настапи на Европското првенство, а Трпчески возвратно ќе ги бодри од трибините.

Инаку, Симон Трпчески деновиве добива блескави критики за новиот албум. „Вонсериско издание“ – оценува лондонски „Сандеј тајмс“, образложувајќи го својот избор за албум на неделата! Имено, во издание на престижната британска етикета „Лин рекордс“, од 28 мај официјално почна да излегува најновиот компакт-диск на македонскиот пијанист Симон Трпчески, на кој заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка, и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведуваат програма со дела од Шостакович.
– Станува збор за еден производ од оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти. Заедно со „Лин рекордс“, Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кој е шеф-диригент на Националниот оркестар на Франција, како и првиот трубач на овој оркестар – Андреј Кавалински од Белорусија, по моја иницијатива успеавме да организираме снимање на двата пијано-концерти на Дмитри Шостакович, како и на Второто трио за виолина, виолончело и пијано, со моите драги колеги од проектот „Македонисимо“ – Александар Краповски и Александар Сомов. Овој избор е еден опис на различните творечки периоди од животот на Шостакович, а кои сведочат за неговата креативност и оригиналност. Мило ми е што уште и пред официјалното денешно излегување пред пошироката публика ова цеде доби прекрасни критики – појасни во својата изјава за Македонското радио по овој повод Симон Трпчески.

Симон Трпчевски, за време на својот престој во Бугарија, присуствуваше и на презентацијата на македонските и бугарските поети учесници на 15-то издание на мајските средби на словенските уметници „Света реч“ во Бургас, која се одржа во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. На средбите се прочитани песни од македонските поети: Даниела Андоновска-Трајковска, Соња Серафимовска и Георги Калајџиев, како и од бугарските поети Роза Бојанова и Наталија Недјалкова.
Директорот на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Сашко Насев, во оваа пригода, меѓу другото, посочи дека соработката меѓу поетите од Македонија и од Бугарија прераснала во вистинско пријателство меѓу нив.
И овие неодамнешни настани го потврдуваат континуитетот на досегашната комуникација на културен и уметнички план меѓу Македонија и Бугарија за време и на актуелните интензивни средби и комуникации и на политичко ниво од политичките претставници на двете држави. Или, со други зборови, големината на уметноста и културата овој пат ја засени политиката, со која во моментов се оптоварени односите меѓу двете земји. К.Б.