Според распоредот, прв на ЛОИ 2020 ќе настапи Бранковски (стрелаштво), а потоа Реџепи (џудо), Георгиевски (таеквондо), Стојоски (атлетика), Јованоска (карате) и Нуров (борење), исто така се чека потврда за учество и на двајца пливачи

Олимписката стипендистка на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Арбреша Реџепи (џудо, категорија до 52 кг), е осмиот македонски претставник што ќе учествува на 32. Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио (од 23 јули). Таа доби покана за учество и според распоредот ќе настапи на 25 јули во салата „Нипон Будокан“ во 4 часот наутро по средноевропско време, објави МОК на својата интернет-страница.

Преостанатите македонски претставници за кои засега е потврдено дека ќе бидат дел од ЛОИ се Дејан Георгиевски (таеквондо), кој ќе биде и македонски знаменосец на чинот на свеченото отворање на Игрите, Магомедгаџи Нуров (борење, слободен стил), Јован Стојоски (атлетика, 400 м), Пулексенија Јованоска (карате, ката), Борјан Бранковски (спортско стрелаштво, воздушен пиштол 10 м).

МОК на својата интернет-страница информира дека во предвидениот рок, исклучиво врз основа на официјално доставена документација од Меѓународната пливачка федерација (ФИНА), достави апликација за вајлд-карта за пливачите Филип Дерковски (732 ФИНА-поени) и Ева Петровска (714 ФИНА-поени). Како што соопштуваат од МОК, сѐ треба да биде познато најдоцна до 1 јули. На ЛОИ 2016, Македонија имаше шест спортисти, четири години пред тоа четворица, во 2008 година седуммина итн.