Фото: ЕПА

ТЕНИС

  • Артур Фери е само петтиот Британец што стигнал до полуфиналето на Вимблдон откако почнала т.н. опен ера на тенисот, во 1968 година

Најголемото славење во Британија беше во 2013 година кога Енди Мареј стана првиот Британец што победил на Вимблдон по цели 77 години чекање. Но и неговата втора лесна победа, која ја оствари три години подоцна (во 2016), донесе речиси исто толку голема радост. Домашните надежи Јохана Конта и Камерон Нори, исто така, предизвикаа жестока поддршка со неочекуваното стигнување до полуфиналето во изминатите девет години. Имаше одредена логика во незаборавните британски трки што го осветлија клубот „Ол Ингланд“ во последниве години, пишува „Би-би-си“. Но сега Артур Фери (23), кој доби вајлд-карта, влезе во полуфиналето. Фери уште не слави. Тој има полуфинале на Вимблдон против вториот носител, Германецот Александар Зверев, денеска.
– Почувствував емоции што никогаш порано не сум ги доживеал во животот. Ја имам публиката зад мене, што е огромна помош – рече пред 15.000 домашни навивачи на Централниот терен Фери, кој пред овие две недели на Вимблдон победи само на два меча на гранслем-турнирите.
Фери е само петтиот Британец што стигнал до полуфиналето на Вимблдон откако почнала т.н. опен ера на тенисот, во 1968 година. Само четири тенисери стигнале до полуфиналето на гранслем-турнирите со вајлд-карта, при што Фери им се придружи на Џими Конорс (САД опен, во 1991 година), Анри Леконт (Ролан Гарос, 1992 г.) и на Горан Иванишевиќ (Вимблдон, 2001 г.). Од тие тројца, само Иванишевиќ ја освои титулата, пишува „Би-би-си“. Фери сега ќе се искачи на 36. место во светот, откако никогаш не стигнал меѓу првите 100 пред овој турнир. Тоа му гарантира директен влез на најголемите турнири во спортот во скора иднина. Чек од 900.000 фунти, кој дополнително ќе се зголеми ако го победи шампионот на годинашниот Ролан Гарос, Зверев, ќе биде уште една финансиска инјекција за понатамошен развој на неговата кариера, пишува „Би-би-си“.

– Не ги гледам резултатите како монетарна вредност, туку повеќе како резултат на многу работа вложена во текот на годините – изјави Фери за „Би-би-си“ откако освои 78.000 фунти во квалификациите за гранслем-турнирот годинава во Мелбурн.
Татко му Лоик бил менаџер на имот и е поранешен сопственик на фудбалскиот клуб Лориен од Лига 1, а мајка му Оливија е поранешна француска тенисерка во Фед-купот, која работела за Британската тениска федерација (ЛТА) како менаџерка за развој на бизнисот, пишува „Би-би-си“. Фери пораснал на кратко растојание од Централниот терен на Вимблдон, доаѓајќи на првенствата во текот на повеќе лета и обидувајќи се да ги имитира ѕвездите што ги гледал. Сега новиот британски број еден е ѕвездена атракција во клубот „Ол Ингланд“ и потенцијално ја инспирира следната генерација. Патувањето на Фери почнало во близината на Париз, каде што е роден од француски родители, пред семејството да се пресели во Вимблдон, кога сѐ уште бил млад. Откако поминал низ системот на ЛТА како еден од најперспективните млади во земјата, Фери решил да се пресели на Универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија, престижна институција специјализирана за истражување, пишува „Би-би-си“.
Напредокот на Фери беше ограничен и од повреди, мораше да биде трпелив и, играјќи конзистентно во претходните две сезони, сега ги жнее плодовите. Одржувањето на смиреноста и сериозноста на теренот и во интервјуата по натпреварите беше клучно за пласман во полуфиналето, пишува „Би-би-си“. Г.И.


Вимблдон, полуфинале

ЖЕНИ, ВЧЕРА
Каролина Мухова (Чешка) – Коко Гоф (САД)
Марта Костјук (Украина) – Линда Носкова (Чешка)

МАЖИ, ДЕНЕСКА
Јаник Синер (Италија) – Новак Ѓоковиќ (Србија)
Артур Фери (В. Британија) – Александар Зверев (Германија)