Мешаната штафета на САД 4х400 метри триумфира со најдобар резултат во светот од 3:08,80 минути. Црн ден за холандските атлетичарки, кои во финишот од трките загубија две злата. Американецот Краузер беше недостижен во фрлање ѓуле, а Шпанецот Мартин освојувач на првото злато
АТЛЕТИКА – ВО БУДИМПЕШТА ЗАПОЧНА 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Светското првенство во атлетика во Будимпешта, Унгарија, почна многу возбудливо. На новоизградениот стадион „Немзети“ во Националниот атлетски центар на Унгарија, уште на првиот ден беше поставен нов светски рекорд. Мешаната штафета (две машки и две женски) на САД, во состав Робисон, Онијонг, Болинг и Холмс, постигна резултат од 3:08,80 минути, што претставува најдобро време во светот. Меѓутоа, мора да се спомене дека Американците многу среќно дојдоа до триумфот. Имено, во последната измена во која Холандија влезе со предност и се очекуваше да го освои златниот медал во „најмладата“ дисциплина на СП, нивната спринтерка Хемке Бол буквално на два метра пред целта падна и со тоа пропадна сиот труд вложен во дотогашниот тек од трката. Така, Американката Холмс, која во последната делница тргна во решавачки напад прва мина низ целта со нов светки рекорд. Втора беше штафетата на Велика Британија, а трета на Чешка.
ДРАМА НА 10.000 МЕТРИ ЗА ЖЕНИ
Тоа што им се случи на Холанѓаните беше само продолжение на она што претходно го доживеа нивната најдобра атлетичарка Сифен Хасан во трката на 10.000 метри. И таа во финишот од тактичката, во првиот дел и многу бавна трка, излезе на првата позиција и се очекуваше нејзина сигурна победа. Но се случи нешто неверојатно. На петнаесетина метри пред целта, откако Гудаф Цегеј од Етиопија жестоко нападна, Хасан се обиде да побегне и да ја зачува првата позиција, но, веројатно од умор, загуби рамнотежа и падна! Така, најголемата фаворитка остана без медал. Одамна не сме гледале толку драматичен крај, речиси како на филм, во една атлетска трка. Ова беше нешто неверојатно за гледачите, многу возбудливо, а за Хасан сигурно многу разочарувачко. Сега големата, овој пат несреќна шампионка ќе ја чека новата шанса во трката на 5.000 метри. Дали овој дебакл што го доживеа ќе се одрази на психолошката стабилност ќе видиме. Но знаејќи ги нејзините можности, останува да веруваме оти Хасан нема да остане без злато на ова СП.
Второто место на 10.000 метри го освои Лагенсебет Гидеј, а третото Елгајеху Таје, и двете од Етиопија, со што ја комплетираа тројната победа на својата земја во една од најнапорните трки, во која победничката Цегеј постигна време од 31:27,19 минути.
ПРВОТО ЗЛАТО ЗА ШПАНЕЦОТ МАРТИН
Во првата дисциплина на 19. Светско првенство, а тоа беше 20 километри брзо одење, триумфира Шпанецот Алваро Мартин. Тој успеа да ги детронизира Јапонците Јаманиши и Икеда, кои на претходниот шампионат во Јуџин имаа двоен триумф. Тие, нормално, и овде се сметаа за главни фаворити, но во долгите трки, особено во брзото одење, никогаш не може ништо со сигурност да се прогнозира.
Во текот на одењето често доаѓа и до кризни моменти, па организмот иако е истрениран, некогаш не може да ги издржи напорите. Токму тоа се случи со Икеда, кој многу оптимистички ја почна трката. Во првите километри веднаш се оддели од групата и диктираше силно темпо. Но се чини оти тој „согоре“ токму во сопственото темпо. Кога требаше да тргне уште поенергично за да ја зачува челната позиција, одеднаш како да потона! Атлетичарите во брзо одење еден по еден го престигнуваа и Икеда на крајот беше 15-ти.
Затоа, пак, Шпанецот Алваро Мартин ја искористи својата шанса и во една тактичка трка рамномерно ги распореди силите. Откако го презеде водството се чувствуваше оти кај него има свежина, што на крајот се покажа како точно и тој триумфира во оваа прва дисциплина на СП. Мартин ја мина делницата од 20 километри за 1:17,32 часа. Второто место неочекувано, но заслужено по голема борба го освои Керсеус Калстрем од Шведска, кој доцнеше седум секунди зад победникот, а трет беше Кахо Бофин од Бразил, кој долго време беше на втората позиција, но во финишот немаше сили да се избори за сребрениот медал.
КРАУЗЕР СО РЕКОРД НА ШАМПИОНАТИТЕ
Во дисциплината фрлање ѓуле уште во претпладневните квалификации стана јасно оти никој не ќе може во вечерашното финале да му се спротивстави на светскиот рекордер Американецот Рајан Краузер. Тој импресионираше со својата сила и беше единствениот од 12-те финалисти што успеа да ја префрли границата од 23 метри. И овој пат се виде дека Краузер има совршена техника, а неговите фрлања беа беспрекорни и често проследувани со воздишки од гледачите. Кога, пак, ѓулето летна на далечина од 23,51 метри, што претставуваше рекорд на шампионатите, одекна силен аплауз од гледачите, кои ги исполнија трибините на новоизградениот атлетски стадион „Немзети“.
Второто место неочекувано го освои Италијанецот Леонардо Фабри со 22,34 метри, а трет беше најголемиот конкурент на победникот, исто така Американец, Џое Ковач, со постигнување од 21,93 метар.
Ова беше само прв натпреварувачки ден на СП, кој, сепак, најави возбудлива атлетска недела во Будимпешта.