Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наградниот фонд изнесува 94.000 денари, а засега се пријавени 167 учесници од пет шаховски федерации

УТРЕ ВО СКОПЈЕ

Во организација на Општина Карпош и ШК Гамбит Асеко СЕЕ, утре, во Скопје, во хотелот „Александар палас“, со почеток во 10.30 часот, ќе се одржи традиционалниот десетти по ред меѓународен шаховски турнир во забрзан шах „Опен Карпош 2024“. Турнирот ќе се рангира во Светската шаховска федерација (ФИДЕ), а ќе се игра по швајцарски систем во девет кола, со темпо од 15 минути, плус пет секунди по секој одигран потег, почнувајќи од првиот.
Членот на Гамбит Асеко СЕЕ и репрезентативец, интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски победи на минатогодишниот викенд-турнир „Опен Карпош 2023“, на кој имаше 184 учесници. Засега се пријавени 167 учесници (тројца велемајстори, седум ИМ и 10 ФИДЕ-мајстори) од пет шаховски федерации (Македонија (152), Србија (пет), Германија (еден), Бугарија (шест) и Косово (три), но овој број може да биде и зголемен. Прворангиран засега е ИМ од Скопје Дејан Стојановски (2.491 рејтинг-поени), додека меѓу 16-те шахистки, репрезентативката Моника Жежовска (1.926, 43-та).
Наградниот фонд е 94.000 денари, распределен на 10 дела, од кои победникот ќе добие 20.000, вториот 15.000, третиот 10.000 денари итн. Ќе бидат доделени и посебни награди (вкупно 18.000 денари), во висина од 3.000 денари за најдобро пласирана ненаградена шахистка (доколку играат најмалку три), најдобар ненаграден ветеран (над 65 год.), најдобро пласиран шахист без меѓународна титула до 2.100 рејтинг или без рејтинг, најдобар шахист без меѓународна титула со рејтинг до 1.900 или без рејтинг и најдобро пласиран ненаграден шахист од Општина Карпош. Судија на турнирот е македонскиот интернационалец Сашко Лакински. Г.И.