Тричлената македонска триатлон-експедиција, во состав Иван Трпчевски и Стефан Делев во машка и Магдалена Станковска во женска конкуренција, настапи на Балканското првенство (БП) во Бар (Црна Гора).
Кај мажите, меѓу 35 натпреварувачи од 13 држави, Трпчевски го освои 12-то место, минувајќи ја стандардната делница во низа од 750 метри пливање, 19,86 километри возење велосипед и пет километри трчање, за вкупно време од 57 минути и 57 секунди. Делев го освои 27-то место, со време од еден час, една минута и 25 секунди. Кај жените, Станковска е на 13-та позиција (1:13,07 час), во конкуренција на 16 натпреварувачки од осум држави.
Првото место во машка конкуренција му припадна на триатлонецот од Србија, Огњен Стојановиќ (54,02 мин.), втор беше Бугаринот Александар Божилов (54,49 мин.), а трет Унгарецот Петер Бенедек (55,21 мин.). Кај девојките триумфира Италијанката Алисе Риеблер (1:03,12 час), пред Унгарката Дора Ковач (1:03,25 час) и Хрватката Ника Римај (1:04,43 час).
Поединечно временски по дисциплини, Трпчевски 750-те метри ги исплива за девет минути и 56 секунди, возењето велосипед го помина за 27,51 минути и петте км трчање за 18 минути и 10 секунди. Делев го стори тоа за 10,43 мин., 28,53 мин. и 19,52 мин., а Станковска за 11,20 мин., 35,55 мин. и 23,42 мин.
На Балканијадата настапија триатлонци/ки од Македонија, Словенија, Унгарија, Летонија, Србија, Хрватска, БиХ, Италија, Кипар, Израел, Црна Гора, Косово, Грција и од Бугарија. Г.И.