ТЕНИС – ВИМБЛДОН
- Ова е првпат две жени што претставуваат иста нација да играат во финале на гранслем од САД опен во 2017 година помеѓу Американките Слоун Стивенс и Медисон Киз
Годинашната шампионка на гранслем-турнирот Вимблдон ќе биде од Чешка, оти во денешното финале ќе се сретнат сонародничките Каролина Мухова (9) и Линда Носкова (12), кои сѐ уште не освоиле гранслем-трофеј во своите кариери. Ова е првпат две тенисерки од иста држава да играат во гранслем-финале од Отвореното првенство на САД во 2017, кога се сретнаа Американките Слоун Стивенс и Медисон Киз.
Откако се бореа во три возбудливи сета, се очекуваше полуфиналето на Вимблдон меѓу Каролина Мухова и Американката Коко Гоф (7) да се сведе на тајбрејк. Но малкумина можеа да ги очекуваат пресвртите што следуваа. Од скокачкиот волеј на Мухова до пропуштената меч-топка на Гоф, имаше сѐ. На крајот Мухова стоеше со кренати раце славејќи со 6-2, 1-6, 7-6 (12-10). Мухова пред дуелот со Гоф стигна до четири големи полуфиналиња, но само еднаш до финалето на Ролан Гарос во 2023 година, каде што во три сета загуби од ланската победничка на Вимблдон, Ига Швјотек од Полска.
– Беше многу нервозно. Дури и не знам што зборувам, се тресам и се обидувам да сфатам. Беше многу голема борба, беше меч-поен, немате време да размислувате – рече Мухова (29) по мечот, пренесе „Би-би-си“.
Носкова стигна до првото финале во кариерата, славејќи над Украинката Марта Костјук (13) со 6-4, 6-4 за 81 минута. Најдобриот настап, пак, на Вимблдон во трите претходни настапи беше до четвртото коло лани.
– Кога играм најдобро што можам, знам дека можам да играм со најдобрите тенисерки во светот – рече Носкова по победата, пренесе „Ројтерс“.
Но талентираната млада тенисерка (21) што доаѓа од Чешка има педигре на највисоко ниво – ја победи тенисерка број еден, Швјотек, на патот до четврт-финалето на Австралија опен во 2024. Носкова по Вимблдон сигурно ќе се врати во топ 10 во светот. Таа е најмлада полуфиналистка на Вимблдон од Летонката Јелена Остапенко во 2018 година. Денеска (17 ч.) Носкова и Мухова ќе се соочат со првото финале на Вимблдон во кое ќе учествуваат две тенисерки од иста нација, откако Серена и Венус Вилијамс се сретнаа во шоуто во 2009 година.
Во машка конкуренција, пак, вчера во полуфиналето играа Британецот Артур Фери (114) и Германецот Александар Зверев (3), односно Италијанецот Јаник Синер (1) и Србинот Новак Ѓоковиќ (8). Г.И.

































