Евгени Романов

Николовски е најуспешен Македонец, на 22-то место, a 13-ти на Балканот. На Б-турнирот победи Халиловиќ од БиХ. На Скопје опен 2023 настапија рекордни 297 шахисти

ШАХ – СКОПЈЕ ОПЕН 2023

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (рејтинг 2.561, рангиран втор пред почетокот на турнирот) триумфира на традиционалниот меѓународен турнир Скопје опен 2023, на А-турнирот, на кој играа шахисти со најмалку 2.000 рејтинг-поени, во конкуренција на 128 шахисти/ки (14 ВМ) од 20 држави. По девет кола, тој освои 7,5 поени (шест победи, три ремија), а за првото место доби пехар и парична награда од 2.000 евра. Втор е ВМ од Црна Гора, Никола Ѓукиќ (2.518, рангиран петти), со седум поени (пет победи и четири ремија), а трет е интернационалниот мајстор (ИМ) од Турција, Ерај Килик (2.448, 10-ти), исто така со седум поени (шест победи, две ремија и еден пораз), но послаб дополнителен критериум.
Најуспешен Македонец беше ИМ Никола Николовски (2.389, 19-ти), кој со 5,5 поени е на 22-то место. Ист број поени, но послаб дополнителен критериум имаа ВМ Звонко Станојоски (2.392), кој е 26-ти, Антон Златков (2.204), кој е 34-ти и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Андреј Велјаноски (2.003), кој го освои 36-то место.
Кај шахистките, кои играа заедно со мажите, победи ЖИМ од Ирска, Триша Канјамарала (2.184), која освои 200 евра, втора е ЖВМ од Бугарија, Викторија Радева (2.394), а трета ЖИМ од Азербејџан, Нармин Мамадова (1.950), сите со по 5,5 поени, но со различен дополнителен критериум. Најуспешна Македонка е Ивана Манова (1.950), која со 4,5 поени е седмопласирана.
Наградите на победниците им ги врачи претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ.

– Презадоволен сум како се одвиваше годинашниот турнир. Но, не само јас, позитивни коментари имаше и од сите учесници. Условите за игра беа одлични. Бидејќи следната година сме домаќини на Европското првенство во забрзан и во брз шах, во план ни е да го споиме тоа ЕП со турнирот Скопје опен 2024 и да направиме голем шаховски фестивал, на кој планираме да учествуваат над 500 шахисти – ни рече Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на градот Скопје (ШСГС) и директор на годинашниот турнир Скопје опен.
На Б-турнирот (со рејтинг до 2.000 поени) играа 169 шахисти/ки од 21 земјa, победи Фахрудин Халиловиќ (1.977, рангиран втор) со седум поени. Најдобар од Македонците, петти, со 6,5 поени е Зоран Костадиновски (1.893), кому му припадна наградата (од 350 евра) „Крум Митковски“ во категоријата најдобар слеп, слабовиден шахист или шахист со телесен инвалидитет. Кај шахистките победи Белгијката Кристила Роусеау (1.664) со шест бода.
Во рамките на турнирот се одржа и првото Балканско првенство (БП), на кое првото место го освои Ѓукиќ, а кај шахистките Радева. Од Македонците, најдобар пласман оствари Николовски, кој е 13-ти, а од Македонките, Манова, која е четврта. Наградите на победниците им ги врачи претседателот на Балканската шаховска федерација, албанскиот ВМ Ералд Дервиши.
На годинашниот турнир настапија рекордни 297 шахисти (14 ВМ), со вкупен награден фонд од 15.050 евра. Г.И.