ОДБОЈКА – ВАСЕ МИХАИЛОВ, ПОМОШНИК-ТРЕНЕР НА МАКЕДОНСКАТА МАШКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
- Како играч имаш една задача – да одиш на тренинг или на меч и да го дадеш својот максимум. Порано мислев дека тренерите во репрезентацијата имаат лесна работа оти предводат искусни професионалци. Сега знам дека тоа не е така, вели Михаилов, пишува ЦЕВ на својата официјална страница
Громогласната атмосфера во салата „Арена 8888“ во Софија во средата не остави сомнеж дека започна Европското првенство (ЕП) 2026 во одбојка за мажи, при што домаќинот Бугарија ѝ нанесе пораз со 3-0 во сетови на Македонија. Сепак, и покрај убедливата победа на домаќинот, Македонија го напушти теренот со кренати глави, уверена дека нивната најдобра игра во групата Б допрва претстои. Меѓу членовите на делегацијата на Македонија во Софија, едно лице ги поврзува минатото и сегашноста на репрезентацијата како никој друг, а тоа е помошник-тренерот Васе Михаилов. Откако го носеше дресот за време на историските деби-настапи на Македонија на европските првенства во Љубљана (2019) и Тампере (2021), Михаилов има уникатен статус – тој е единствениот член на тимот што учествувал на ЕП и како играч и како тренер. Сега, како дел од стручниот штаб на селекторот Јошко Миленкоски на четвртиот настап во низа на репрезентацијата на ЕП, Михаилов зборува за одговорноста на својата нова улога, носталгијата по атмосферата во соблекувалната и амбициите на Македонија во групата Б, пишува на својата официјална страница, Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
ПОГЛЕД ОД КЛУПАТА
Преминот од активен играч во помошник-тренер на репрезентацијата носи и значителна промена во перспективата. За Михаилов, повлекувањето од теренот ја откри огромната и често невидлива работа што стои зад водењето на екипа на високо ниво.
– Како играч имаш една задача – да одиш на тренинг или на меч и да го дадеш својот максимум. Порано мислев дека тренерите во репрезентацијата имаат лесна работа оти предводат искусни професионалци. Сега знам дека тоа не е така – открива Михаилов.
Таа промена во размислувањето не се случува прекуноќ, а старите навики тешко се искоренуваат во соблекувалната.
– Сѐ уште се чувствувам како да сум во период на транзиција. Сѐ уште ја имам навиката да влегувам во соблекувалната заедно со играчите. Момците понекогаш на шега ми велат: „Излези, веќе не си играч!’“ Тоа ми буди носталгија, но краткото време поминато во пензија ми овозможува да останам многу близок со нив. Тие уште ме доживуваат како еден од нив и слободно ми се доверуваат кога ќе се појават проблеми – вели Михаилов.
Соочувањето со домашната публика во Софија за време на воведниот меч претставува голем предизвик за секој противник, но Михаилов на таа атмосфера гледа како на катализатор, а не како на закана. Натпреварувањето во групата Б, покрај тешкаши како Полска, Украина и Бугарија, остава малку простор за двоумење, но македонскиот стручен штаб цврсто стои зад својот натпреварувачки идентитет, пишува ЦЕВ.
– Без оглед на рангирањето, нема да излеземе со бело знаме пред никого. Се подготвувавме цело лето. Никој не може да ни го одземе правото да се надеваме и да ги надиграме противниците. Ќе ја бараме својата шанса во секој натпревар, оптимист е Васе.
ТАКТИКА, РАМНОТЕЖА, ИДНИНА
За да ги максимизираат своите шанси против европската елита, тренерите во текот на летните подготовки посветија големо внимание на стабилизирање на клучните тактички сегменти.
– Реални сме во однос на тоа каде сме послаби и каде противниците се обидуваат да нѐ искористат. Потрошивме многу време на усовршување на позиционирањето при блокот и одбраната и цврсто веруваме дека дисциплината во тие два елемента може да ни донесе освоени сетови, па дури и победи на натпреварите – дециден е Михаилов.
Покрај тактичките приспособувања, Михаилов и селекторот Миленкоски имаат задача да управуваат со генерациската смена во тимот, комбинирајќи ги искусните лидери со нов бран таленти што за првпат се соочуваат со притисокот на едно континентално натпреварување, пишува ЦЕВ. Г.И.
































