Педиополиси

  • Зошто ни ги земаат македонските деца и дали целта е Македонија и Македонците да останат без иднина?

Ништо не вреди на светот како една солза на измачено дете. Оваа мисла на Фјодор Михајлович Достоевски, изговорена преку Иван Карамазов во „Браќа Карамазови“, е една од најсилните морални осуди на секоја идеја што се обидува да го оправда страдањето на невиното дете со некаква голема цел!
Во Евангелието по Матеј стои предупредувањето против оној што ќе му наштети на едно од „малечките“ (18:6). Во Куранот, во сурата Ал-Ан’ам (6:151), стои: „И не убивајте ги вашите деца поради сиромаштија“ (се мисли и на духовна, а не само на материјална). Во древната индиска традиција, „Бхагавата Пурана“ (едно од големите свети дела на хиндуизмот) ги вбројува децата меѓу оние на кои им припаѓа посебна заштита, а Манусмрти, позната како „Закони на Ману“, содржи посебни правила за малолетниците и нивните интереси“, воспоставува посебни правила за заштита на малолетниците. И на Далечниот Исток, низ различните древни цивилизациски традиции, се појавува истото сознание: детето не е објект со кој возрасниот може произволно да располага, туку човечко суштество чиј развој и иднина носат посебна одговорност.
Но ова сознание не останува само во религијата.
Плутарх во „За воспитувањето на децата“ предупредува дека младите умови се особено приемчиви и дека она што ќе им биде всадено во детството остава трага врз нивниот карактер. За него, воспитувањето не е игра со детето, туку огромна одговорност на возрасните.
Русо, речиси две илјади години подоцна, оди уште подалеку. Во „Емил или за воспитувањето“ бара детето да биде третирано во согласност со неговата возраст, а не според желбите и амбициите на возрасните. Тој предупредува дека погрешното воспитување може да произведе човек „расипан“ уште во детството.
А потоа доаѓа Дикенс со „Оливер Твист“ и ни покажува што се случува кога институцијата ќе го претвори детето во бројка, работна сила и предмет на дисциплина.
Во „Девојчето со кибритчињата“, Андерсен не ни дава политичка теорија. Ни дава едно дете оставено само пред рамнодушниот свет на возрасните. И токму затоа приказната е толку страшна.
А Маркс и Енгелс, во Комунистичкиот манифест, го внесуваат детето и во критиката на економскиот систем: детскиот труд станува доказ дека дури и детството може да биде претворено во средство за туѓа корист.
Од религијата до филозофијата, од античката мисла до книжевноста и модерната политичка мисла, постепено се појавува истата граница: Детето не е сопственост! Не е работна сила! Не е плен! Не е средство за туѓа цел!
А современото меѓународно право конечно ќе го претвори ова морално сознание во правен принцип. Но првиот голем чекор нема да биде само Конвенцијата за правата на детето. Тој ќе дојде преку едно уште пострашно сознание на човештвото: дека и детето може да стане средство за уништување на една нација. Во Конвенцијата на ОН за спречување и казнување на злосторството геноцид, усвоена на 9 декември 1948 година, во членот II(e), меѓу дејствијата што можат да претставуваат геноцид е изречно наведено и „присилното префрлање деца од една група во друга“. Но конвенцијата поставува и клучен услов: таквото дејствие мора да биде преземено со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или верска група како таква.
Тоа е една од најтешките правни и историски вистини: борбата за детето може да биде и борба за идентитетот на целиот народ.
Четириесет и една година подоцна, Обединетите нации го прават следниот чекор. На 20 ноември 1989 година е усвоена Конвенцијата за правата на детето, која стапува во сила на 2 септември 1990 година. Таа конечно го поставува детето како самостоен носител на права, а не како сопственост на родителите, државата или на идеологијата. Конвенцијата бара во сите постапки што се однесуваат на децата, најдобриот интерес на детето да биде од примарно значење, а детето да биде заштитено од дискриминација и поради статусот, мислењата или дејствувањето на неговите родители.
Така, меѓународното право стигнува до една цивилизациска граница: Детето не е политички проект. Не е воена придобивка. Не е средство за асимилација. Не е средство за уништување на туѓиот идентитет. И не е сопственост на државата.
А токму затоа приказната за педиополисите не е само приказна за деца во една граѓанска војна.
Таа е приказна за тоа што се случува кога возрасните ќе решат дека иднината на еден народ може да се освојува преку неговите деца.

Почетокот на борбата за македонските деца

За да разбереме што се случувало со македонските деца во годините на Граѓанската војна во Грција, мора да се вратиме во 1947 година. Во Северна Грција (Егејска Македонија) каде што живеело и многубројно македонско население, војната веќе навлегувала длабоко во секојдневниот живот. Селата биле изложени на борби, населението се движело, а децата станувале едни од најранливите жртви на конфликтот. Но токму во таа атмосфера започнува нешто што ќе ја надмине обичната воена евакуација.
Грчката држава, под покровителство на кралицата Фредерика, започнува да го создава системот на педиополиси (Παιδοπόλεις) – мрежа од детски домови и таканаречени детски градови, во кои биле сместувани деца од воените подрачја. Да не заборавиме, Фредерика по потекло била Германка – внука на последниот германски цар, Вилхелм Втори По бракот со грчкиот крал Павле, таа станала дел од грчкото кралско семејство, но и блиска роднина на идниот британски кралски пар: Павле му бил брат на Андреј, таткото на принцот Филип. Така, Фредерика му била стрина на принцот Филип, идниот сопруг на британската кралица Елизабета Втора. Ништо не е случајно за нас Македонците!
Но да продолжиме, тогаш официјалното објаснување било хуманитарно: спасување на децата од воените дејства, нивно згрижување, исхрана, образование и заштита. Но педиополисите не можат да се разберат само низ нивната официјална хуманитарна функција. Самото нивно создавање значело дека децата биле издвоени (насилно однесени деца од четири до 16 години) од средината во која живееле и ставени под институционална контрола на државата – под нејзино образование, воспитување и национална идеологија.
Кралицата Фредерика лично ја развивала оваа програма преку „Кралскиот фонд за благосостојба“ (Royal Welfare Fund), а во октомври 1947 година започнало организирано собирање средства за финансирање на првите педиополиси. Современата историографија посебно го издвојува поглавјето „The Paidopoleis of Queen Frederica“ (Loring M. Danforth и Riki Van Boeschoten, „The Paidopoleis of Queen Frederica,” inUniversity of Chicago Press, Chicago, 2011, pp. 85–114). Особено е важно што самите автори го посветуваат поглавјето на евакуациската програма на кралицата Фредерика и грчката влада, создавањето на „Кралскиот фонд за благосостојба“, идеологијата и целите на педиополисите (paidopoleis), условите во домовите и подоцнежната репатријација на децата, како простор во кој се анализираат нивното создавање, условите во домовите и, што е особено важно, идеологијата и целите на системот. Создавање лојални Грци!
Апсурдот е уште поголем дека дел од овие деца биле давани на меѓународно посвојување, особено во САД и Велика Британија. Најсериозен современ истражувач на ова прашање е Гонда ван Стин, професорка на „Кралскиот колеџ“ во Лондон. Нејзините истражувања документираат дека приближно 4.000 деца биле испратени во САД и Велика Британија за посвојување во периодот на 1950 г. Дали сите посвојувања биле доброволни и законски? Не! Ван Стин во поновото истражување „The Face of Forced Consent in Postwar Adoptions from Greece: What Does It Look Like?“ анализира архивски документи од 1950-тите, кои покажуваат случаи на притисок, измама, финансиски трансакции и проблематична согласност на биолошките родители при посвојувања во САД. Постоел и вистински скандал. Во 1959 година избувнал т.н. скандал „Скопас“ (Scopas scandal), поврзан со нерегуларни американски посвојувања на деца од Грција. Тој довел до поголема правна контрола и построги процедури. Постојат и лични сведоштва на веќе возрасни посвоени лица, кои децении подоцна тргнале да ги бараат своите биолошки семејства во Грција. Некои откриле дека информациите што ги имале за своето потекло биле неточни или дека околностите под кои биле одвоени од мајките биле многу поинакви од она што им било кажано. Уште поважно, Денфорт (Danforth) и Ван Бусхотен (Van Boeschoten) во поглавјето „Children of the Paidopoleis“, стр. 159–184, даваат животни истории на деца од педиополисите – меѓу нив и македонското дете Трајан Димитриу (Traian Dimitriou).
Ваквата состојба довела до тоа во 1948 и 1949 година, Генералното собрание на ОН да побара од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (International Committee of the Red Cross – ICRC) и од Лигата на друштвата на Црвениот крст (League of Red Cross Societies) да работат на враќањето на децата што биле однесени од Грција во други земји.
Но да се вратиме на темата и да ги појасниме работите! На почетокот на 1947 година, започнува она што може да се нарече војна за децата и нивно преземање од кралскиот грчки систем! На 11 јули 1947 година, официјално се основани педиополисите. Октомври 1947 година – програмата на Фредерика дополнително се организира и финансира преку собирање средства за педиополисите. Се претпоставува дека околу 18.000 деца, од кои најголемиот број се Македонци и по некое Влавче и Албанче, биле дел од оваа програма на насилно одземање и асимилирање! И тука се случува нешто што подоцна ќе биде прикриено со силна политичка терминологија. По војната, грчката владина страна ја претставувала својата операција како paidofylagma – „заштита“ или „чување на децата“, додека операцијата на комунистичката страна ја означувала како paidomazoma – „собирање“ или „грабнување на децата“.
Но токму датумите се немилосрдни.

Масовната евакуација на децата од страна на КПГ и Демократската армија на Грција започнува во 1948 година, односно откако системот на педиополиси веќе бил воспоставуван. И како заштита на децата од педиополисите се донесува одлука истите тие да се префрлат на сигурно место за да не бидат предмет на асимилација и отуѓување!!!
Затоа е важно да се направи разлика меѓу политичкиот наратив и историската хронологија. Кралицата Фредерика во своите мемоари ја претставувала појавата на педиополисите како реакција на комунистичкото paidomazoma. Но достапната хронологија создава очигледен проблем со таквото објаснување: педиополисите се појавуваат во 1947 година, додека масовната комунистичка евакуација е од 1948 година. Повторно лага кога се Македонците во прашање!? А токму тогаш, 21 февруари 1948 година, комунистичката страна донесува одлука за организирана евакуација на децата.
Во март 1948 година започнува масовното изнесување на деца од подрачјата под контрола на КПГ и ДСЕ кон Југославија и другите источноевропски социјалистички држави. Операцијата била оправдувана со спасување на децата од воените дејства и од опасноста тие да паднат под контрола на владината страна.
Според истражувањата на Лоринг Данфорт и Рики Ван Бошотен, околу 38.000 деца биле евакуирани од Северна Грција во 1948 година; приближно половината биле испратени во Источна Европа. Авторите ги разгледуваат двете програми паралелно, врз основа на архивски материјали, усни сведоштва и животните приказни на самите деца.

ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО СО МАКЕДОНСКОТО ДЕТЕ КОГА ЕДНАШ ЌЕ БИЛО ОДВОЕНО
ОД СВОЈОТ ДОМ И ОДВЕДЕНО ВО ПЕДИОПОЛИСИТЕ?

Зашто за македонските деца ова не било само прашање на физичко преживување. Било прашање на јазикот на кој ќе зборуваат. Името со кое ќе се претставуваат. Историјата што ќе ја учат. Припадноста што ќе ја чувствуваат. Идентитетот што ќе им биде дозволено да го наследат. Токму затоа педиополисите не можат да се читаат само како детски домови. Тие мора да се разгледуваат во поширокиот контекст на грчката државна политика кон македонското население, особено во услови кога македонскиот национален идентитет не бил признаван, а различноста била предмет на притисок и негирање.
Во таа смисла, тезата за македонските деца мора да се постави внимателно, но јасно: педиополисот не бил само место каде што детето требало да биде нахрането и згрижено. Тој бил и место каде што детето можело да биде национално и идеолошки воспитувано.
А кога станува збор за македонско дете, тогаш прашањето за воспитувањето станува прашање за идентитетот. Поразот на Демократската армија во 1949 година ја прекинал воената фаза на конфликтот, но не и трагедијата на децата.
И токму тука историјата преминува во право.
Конвенцијата на Обединетите нации за спречување и казнување на злосторството геноцид, усвоена на 9 декември 1948 година, во членот II(e) меѓу дејствијата што можат да претставуваат геноцид го наведува и „присилното префрлање деца од групата во друга група“.
Правната норма, меѓутоа, не е толку едноставна. За да постои геноцид, не е доволно само да се докаже дека деца биле преместувани. Потребно е да се докаже и посебната намера – dolus specialis – за уништување, целосно или делумно, на заштитена национална, етничка, расна или верска група како таква. Дополнително, конвенцијата била усвоена во 1948 година, а стапила во сила во 1951 година, што отвора и сериозно прашање на нејзината временска применливост врз настаните од Граѓанската војна.
Но токму затоа ова прашање не смее да биде затворено со една политичка квалификација. Мора да се постави правно. Што била намерата? Што бил системот? Каков бил третманот на децата? Каков бил односот кон нивниот јазик и идентитет? Колку деца биле одвоени? Каде биле однесени? Какво образование добиле? Што им било кажувано за нивното потекло?
И, пред сè, дали одвојувањето на децата било само последица на војната – или во одредени случаи било употребено како средство за промена на припадноста на една заедница?
Тоа е суштината на проблемот.
Кога ќе му го земете детето на еден народ, не му земате само дете. Му го прекинувате најприродниот начин на кој еден народ ги пренесува својата култура, јазик и меморија од една генерација на друга.

Тони Менкиноски

(продолжува)