Фото: Нова Македонија

„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на „BB+“ со стабилен изглед, оценувајќи дека економијата покажува отпорност, со позитивни перспективи за раст, силна инвестициска активност и напредок во реформите поврзани со процесот на пристапување кон Европската Унија, информираат од Министерството за финансии.

Во најновиот извештај, агенцијата наведува дека реалниот економски раст достигнал 4,3 отсто во вториот квартал од 2026 година, главно поттикнат од силните резултати во градежништвото и преработувачката индустрија.

Позитивно е оценета и реализацијата на јавните инвестиции. Капиталните расходи во периодот јануари–јули годинава се зголемиле за 40 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 46 отсто од ревидираната годишна цел. Според „Фич“, ова ја одразува засилената реализација на големите инфраструктурни проекти, меѓу кои и Коридорите 8 и 10д.

Агенцијата очекува економската активност и во наредниот период да биде поддржана од високото ниво на јавни инвестиции и приватната потрошувачка. Дополнителен потенцијал за раст на среден рок гледа во продолжувањето на инфраструктурните проекти и спроведувањето на реформите поврзани со инструментите на ЕУ.

Како фактори кои го поддржуваат кредитниот рејтинг, „Фич“ ги издвојува подобрите показатели во управувањето, повисокиот БДП по жител во споредба со земјите со сличен рејтинг, како и посветеноста на процесот на пристапување кон ЕУ, кој го оценува како важно реформско сидро на среден рок.

Во однос на јавните финансии, агенцијата ја нотира целосната примена на Законот за буџети од 2028 година и укажува на потребата од постепена фискална консолидација. „Фич“ очекува намалување на буџетскиот дефицит на среден рок, како и стабилизирање на бруто-долгот на општата влада на просечно ниво од 52,7 отсто од БДП во периодот 2026–2028 година.

Позитивно се оценети и реформите насочени кон подобрување на наплатата на приходите, вклучително и воведувањето на е-фактурирањето.

Од Министерството за финансии оценуваат дека потврдата на рејтингот „BB+“ со стабилен изглед претставува позитивен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите за стабилноста и економските перспективи на земјата.