Бројот на потврдени случаи на ебола во Демократска Република Конго надмина 7.000, а вирусот се прошири и во нова покраина, покажуваат најновите податоци на властите.
Станува збор за епидемија предизвикана од видот Бундибугио, која веќе е најголемата и најсмртоносната епидемија на ебола во историјата на земјата, надминувајќи ја епидемијата од 2018 до 2020 година.
Според податоците објавени доцна синоќа, oд страна на Светската здравствена организација (СЗО) бројот на починати достигна 3.398, додека се регистрирани вкупно 7.022 потврдени случаи во седум покраини.
Дополнителна загриженост предизвикува ширењето на вирусот во Јужен Убанги, покраина во северозападниот дел на земјата, која е оддалечена од главниот епицентар на епидемијата. Локалните власти вчера потврдија дека таму е регистриран нов случај на зараза.
Актуелната епидемија е посмртоносна од онаа во Конго во периодот 2018–2020 година. Сепак, најголемата епидемија на ебола досега се случи во Западна Африка од 2014 до 2016 година, кога беа заразени околу 28.600 лица, а повеќе од 11.000 починаа во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.
Според Светската здравствена организација, недостигот од обучен медицински кадар, партнери на терен и финансиски средства ги отежнуваат и забавуваат напорите за сузбивање на епидемијата.
































