Седумнаесетта надеж за опстојување

Бројот седумнаесет асоцира на повеќе нешта: во Библијата бројот 17 е поврзан со потопот што почнал на 17-от ден во вториот хебрејски месец за да се уништи еден злобен свет (Битие 7:11); во Италија бројот 17, а не 13, е бројот што носи несреќа (анаграмот VIXI на римскиот број XVII значи „живеев“); Агендата за одржлив развој 2030 содржи седумнаесет цели; една хаику-песна има вкупно 17 слога; меѓу 78 тарот-карти, картата 17 е карта на ѕвездите, што симболизираат желби што ќе се остварат, па, оттука, картата 17 претставува надеж. Зошто седумнаесет? Одговорот е поврзан со следното прашање: Дали седумнаесеттата влада на Македонија, владата на Македонија во 2024 година, ќе донесе вистинска промена или ќе бидеме сведоци на срамно жонглирање по работ на самоуништувањето: „Уставните измени ќе се случат и за нив ќе гласаат токму актерите што денес се противат“?
Круцијалните предизвици со кои македонските политичари се соочувале во минатото, се соочуваат денес, а ќе се соочуваат и триесет години подоцна, ако токму денес не почнат да се решаваат, се следниве: Која е визијата за државата Македонија и за македонскиот народ? Како државата Македонија треба да изгледа по вашето владеење, во наредните десетина години и повеќе? Ако имате визија за државата Македонија и за Македонците во наредните десетина години и повеќе, дали воопшто имате стратегија како да ја остварите таа визија?
Досегашните решенија на овие предизвици покажуваат плиткост, незрелост, неукост и непостоење на стратегија за нивно реализирање. Ако веќе требаше да разговараме за определен компромис со нашите соседи за остварување на некои геополитички цели, тогаш тоа требаше да се направи многу помудро и подостоинствено за македонскиот народ. На пример, ако веќе зборуваме за компромиси, разумен компромис со Грција требаше да биде: прво, признавање на македонското национално малцинство во Грција, со придружните образовни и културни права, и второ, употреба на новото име со географска одредница само во меѓународните односи и само со оние држави чиј број секоја година се намалуваше, коишто нашата земја не ја именуваат со нејзиното уставно име – Република Македонија. Само да се потсетиме: до 2018 година Македонија беше признаена под уставното име Република Македонија од повеќе од 130 земји, речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико).
Но, во овој момент, Договорот со Грција наметна траорна сегашност, а новата влада на Македонија многу брзо ќе се соочи со предизвикот поврзан со уценувачкиот и ненаучен став на Бугарија во врска со македонскиот народ. Според мое мислење, синтагмата „бугаризација на Македонија“ подразбира водење преговори, разговори и усогласувања со Република Бугарија, којашто не ги признава македонскиот јазик, историја и идентитет, независно од постоењето на бугарскиот јазик, историја и идентитет. Оттука, единствен компромис за евентуална промена на Уставот (иако токму барањето за промена е бесмислено и јас гласно велам НЕ за промена на Уставот!) би било најпрво признавање на следните научни факти: (а) постоењето на дел од македонскиот народ (македонското етничко малцинство) во Бугарија, (б) македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и не е бугарски дијалект и (в) Македонците и Бугарите немаат заедничка историја, туку само споделени места во историјата. А потоа, можеби, промена на Уставот. Овие факти треба, и денес и секогаш во иднина, да бидат вистинските црвени линии за секоја влада поставена на чело на државата Македонија за евентуално почнување преговори со ЕУ.

Што се однесува на внатрешното уредување на Република Македонија, треба да се запрашаме дали политичарите, интелектуалците и граѓаните на Македонија имаат визија за тоа каква држава треба да биде Македонија: национална, бинационална или граѓанска (читај: „мултиетничка“) држава? Ако тргнеме од мислата: „Го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“, и имајќи го предвид нејзиниот мултиетнички карактер, можеби единствено решение за стабилноста и просперитетот на Македонија е таа да се гради како граѓанска држава. Во меѓународното право, терминот државјанството (nationality) произлегува од името на државата: „Граѓаните на Република Северна Македонија имаат државјанство на Република Северна Македонија“ (членот 4 од Уставот), па, оттука, произлегува дека денес сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и челните државни фигури: претседателот на државата, претседателот на Владата и на Собранието на Република Македонија, имаат државјанство на Република Северна Македонија или северномакедонско државјанство, поточно, во однос на државјанство (nationality) тие се северномакедонци со различно етничко потекло (македонско, албанско, турско, влашко, српско, ромско, бошњачко и друго – во терминот друго се вклучени сите, па затоа нема потреба од промена на Уставот). Всушност, Договорот со Грција го избриша од употреба, во меѓународното право, терминот македонско државјанство. Имплементирањето на Договорот со Бугарија има единствена цел: бришење од употреба на одредницата македонски народ.
Република Македонија е членка на НАТО и земја кандидатка (од 2005 г.) за членство во ЕУ. Игор Радев, во својот текст со наслов „Хипотезата ‘Не!’“, зборува за „трета позиција на владеење, ниту за општото добро, ниту за себе, туку строго за ‘странците’, односно, амбасадите!“ Според учењето на Платон и Аристотел, тргнувајќи од двете можни позиции на владеењето: да се владее за општото добро или да се владее за себе, постојат следните можности: „(А) кога власта ја спроведува, пред сè, едно лице заради општо добро, тоа се нарекува монархија, а кога едно лице владее за себе, станува збор за тиранија; (Б) кога одреден број лица ја спроведуваат власта за општо добро, тоа се нарекува аристократија, а кога мал број лица владеат за себе, тогаш говориме за олигархија; и (В) кога пошироко граѓанско тело ја спроведува власта заради општо добро, тоа се нарекува политеја, а кога такво пошироко граѓанско тело владее исклучиво за своја лична полза, станува збор за демократија“. Оттука, третата позиција на владеењето е, всушност, сервилно и безрбетно однесување кон барањата однадвор. Ваквиот патернализам, претераната и непотребна грижа за нас од други надворешни фактори (страниците и дел од домашните политичарите упорно, како во хор, повторуваат: „ние не сме способни сами да опстанеме“), како појава се детектира и кај сите помали земји, но во Република Македонија тој е развиен до перфекција, овозможувајќи корупција од невидени размери, дивеење наместо владеење, а примери за овие појави катадневно се регистрираат.

Меѓутоа, освен ваквиот отворен патернализам (мешање во внатрешните работи на една суверена држава), може да се зборува и за мек патернализам или за т.н. поттурнување (nudging). Мекиот патернализам развива политика што ќе ги поттикне, ќе ги поттурне граѓаните кон (свесно или несвесно) носење одредени (однапред посакувани, но за кого?!) мислења и одлуки. Од 1990-тите години до почетокот на 21 век, делумно поради негативните историски и политички конотации на терминот Балкан, ЕУ-политичарите го користеа терминот Југоисточна Европа, но денес, особено во последните пет години, терминот Западен Балкан станува сè попопуларен. Оттука, прашањето: Дали денешнава употреба на терминот Западен Балкан, а неупотребувањето на терминот Југоисточна Европа, всушност, праќа порака за вистинските намери на ЕУ во врска со проширувањето со земјите од Југоисточна Европа? Селективниот пристап на американскиот Стејт департмент во предлагањето на својата црна листа е втор пример за поттурнување, што, за жал, токму поради селективноста, не ги спречува туку само ги поттикнува корупцијата и дивеењето во Македонија. Само да потсетиме дека Нелсон Мендела, добитникот на Лениновата награда за мир (1990), на Нобеловата награда за мир (1993) и на Претседателскиот медал на слободата (2002) – една од двете највисоки цивилни награди во САД, се наоѓаше на списокот на набљудувани терористи на САД сè до 2008 година.
Македонија не е ниту суверена ниту правна држава. „Ако два различни правни системи важат за две групи луѓе на иста територија, тоа е апартхејд“ (цитирано според Варуфакис). Дали Македонија е апартхејд или не, оставам читателите да одговорат. Дали седумнаесеттата влада на Македонија ќе донесе вистински промени – не знам, само се надевам дека полошо од ова не може да биде, ниту на сон ниту на јаве. Изборот е јасен: можеме да продолжиме да се однесуваме како ништо да не се случува, да стануваме сè помалку подготвени за новите бесмислени барања, уцени… и сè поочајно да се инвестираме себеси, по линија на помал отпор, во денешнава сервилна Македонија, која, на сите нам ни е јасно, вака како што се движи, нема да може да опстои. Или можеме да ги засукаме ракавите и искрено и сериозно да почнеме со вистински промени да градиме суверена, правна и достоинствена Македонија!