Фото: Архива на „Нова Македонија“

На Македонија ѝ е неопходна енергија од домашно производство од базичните ресурси, и тоа во полн капацитет, но исто така ѝ треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, но никако брзо затворање на објектите. Нам ни треба постепено вклучување обновливи извори на енергија, затоа што брзо и непланско преоѓање на извори што не ги задоволуваат стопанските и граѓанските потреби, како и скапото чинење на таквото производство, во пакет со вклучување на неподготвена мрежа и систем носат ризик, нестабилност, неконкурентност

Развивајќи обновливи извори на енергија, постојните домашни енергетски ресурси треба да се одржуваат, а не да се затвораат

На последиците од климатските промени се особено изложени земјите од Балканот, кои се зависни од користењето јаглен во производството на електрична енергија. Во Македонија најголемиот дел од индустриските капацитети ги користат фосилните горива во производствениот процес. Тоа, секако, ќе го одложи и спроведувањето еколошки стратегии и национални планови за преминување кон алтернативни извори на енергија, за која се потребни и огромни финансиски средства. Енергетската транзиција е неизбежна, но брзо преструктурирање на т.н. „зелено сценарио“ кај нас може да предизвика сериозни последици. На Македонија ѝ е неопходна енергија од домашно производство од базичните ресурси, и тоа во полн капацитет, но исто така ѝ треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, но никако брзо затворање на објектите. Нам ни треба постепено вклучување обновливи извори на енергија, затоа што брзо и непланско преоѓање на извори што не ги задоволуваат стопанските и граѓанските потреби, како и скапото чинење на таквото производство, во пакет со вклучување на неподготвена мрежа и систем носат ризик, нестабилност, неконкурентност.

Критичко мислење на експертите за брзо „зелено сценарио“

Според професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, за реализација на огромно производство од обновливи извори на енергија е потребно време и, според европската енергетската стратегија, државата треба да го напушта јагленот до 2030 година, а тоа меѓу другото е поради еколошкиот аспект – загадувањето и климатските промени. За тоа колку се реални овие планови, Филкоски вели дека со некои аспекти на енергетската стратегија се согласува, а со некои не, и за нив вели дека има мошне критично мислење, особено со настапот за зеленото сценарио.
– Тоа зелено сценарио кај нас може да предизвика сериозни последици. Нам ни треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, а не брзо затворање на објектите. Сметам дека е потребна градба на нов блок на природен гас со моќност од 300 мегавати, потоа можеби уште еден, но ќе треба да се обезбеди дополнително снабдување со гас, затоа што капацитетот на гасоводот може да биде доведен до некоја горна граница. Потоа, постепено вклучување обновливи извори на енергија, затоа што преголемо вклучување на неподготвена мрежа и систем носи нестабилност – потенцира Филкоски.
Професорот смета дека една од главните причини за енергетската криза во европските земји бил и е обидот за пребрза, исфорсирана и необмислена енергетска транзиција кон т.н. зелена енергија и затворањето на голем број класични термоенергетски објекти (на фосилни горива и нуклеарни постројки).
– Важна поука од состојбите во енергетскиот сектор е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање. Нивното функционирање е од витално значење за енергетската безбедност и стабилното снабдување на земјата. Тие треба да се исклучуваат постепено, во наредните децении, откако претходно ќе се создадат услови за нивна суштинска замена. Исклучително е важно да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани гасно-парни термоенергетски блокови на природен гас. На пример, одлично би дошле една или две комбинирани гасно-парни постројки на природен гас од типот на ТЕ-ТО. Нивната цена последниве години е мошне прифатлива, а по својата техничка природа се карактеризираат со одлични перформанси во однос на енергетската ефикасност, флексибилностa и можностa за релативно брзи промени на оптоварувањето. Тоа оди во прилог на комбинација на таквите постројки во енергетски систем со позначително учество на ОИЕ – дополнува Филкоски.

Постепена енергетска транзиција во подолг временски период

Професорот нагласува дека постепена енергетска транзиција во Македонија е неопходност и нешто неминовно во наредните децении, но можностите за брза транзиција се мошне ограничени, речиси и нереални, поради повеќе причини.
– Моето мислење е дека за земја како Македонија е потребна постепена енергетска транзиција со еволутивни чекори, со оглед на нивото на економски и севкупен развој. Притоа, мора да се води сметка за финансиско-економските можности на населението, карактеристиките на енергетскиот сектор, состојбата на електропреносната и дистрибутивната мрежа, степенот на поврзаност со соседните системи и други фактори – објаснува Филкоски.
Целосен премин кон ОИЕ, како што вели тој, засега е тешко достапна цел дури и за многу побогати држави, со многу подобро интегрирани електроенергетски системи со соседните земји, како на пример, Словенија и Чешка.
– Сметам дека е потребно напуштање на јагленот, но не на многу краток рок, туку во период од 20 до 30 години. Во меѓувреме, одговорните треба да се погрижат за соодветна замена. Блоковите од РЕК „Битола“ секако ќе бидат постепено затворани, но тоа не смее да се случи веднаш или во наредниве две-три години – смета Филкоски.

Не смееме да ја осакатиме нашата индустрија

Според него, државата мора да разбере дека ние не сме некоја богата европска земја, па да можеме да си дозволиме бесконечен увоз на скапа енергија во услови на намалено домашно производство.
– Освен тоа, не смееме да се откажеме од индустријата, односно од тоа малку што е останато од неа, а за тоа е потребно достапно и стабилно снабдување со релативно евтина енергија. Дури, еден дел од европските земји можеме да ги земеме како јасни негативни примери во околностите на енергетска криза во последниве неколку години. Всушност, корените на кризата се во избрзаната енергетска транзиција на ЕУ, предизвикана од недоволно образувани, незрели политичари, кои презедоа драконски чекори без адекватни подготовки и консултации со експертите во енергетската проблематика. Во тој контекст, ние страдаме од сервилното прифаќање на сѐ што доаѓа или се налага од западните партнери и притоа често трпиме несогледливи последици – посочува Филкоски.
Тој укажува дека ургентно прашање е изградбата на комбинирани термоенергетски постројки на природен гас со гаснотурбински и парнотурбински циклус. Нивните технички параметри, вели професорот, се такви што со производството на електрична енергија реално ќе можат ефикасно да ги заменат блоковите на јаглен, а наедно, поради флексибилноста, успешно ќе се вклопат во енергетски систем со зголемено учество на постројки засновани врз обновливи извори на енергија.
– Во истиот контекст е и потребата за поврзување на гасната мрежа, односно изградба на интерконектори со Грција и Србија. Паралелно треба интензивно да се работи на планот на подобрување на техничките услови и развој на електродистрибутивната мрежа за прифаќање, пренос и дистрибуција на електрична енергија во околности на поголемо учество на обновливи енергетски ресурси – укажува Филкоски.

Неопходно е и креирање правни, регулаторни и технички услови во процесот на енергетска транзиција

Професорот смета дека е многу важно одговорните да креираат правни, регулаторни и технички услови со цел во процесот на енергетска транзиција граѓаните да бидат вклучени суштински, а не само декларативно и потоа во сметките за струја да констатираат покачувања како прилог за т.н. „зелена енергија“.
– Тоа значи дека треба да се овозможи поголем дел од населението да ги почувствува благодатите, на пример, од големиот број сончеви денови, преку разни форми на поддршка и поттикнување за инсталирање фотоволтаични системи и термички колектори. Така, во некои европски земји веќе успешно функционираат енергетски задруги и други форми на организирање во енергетскиот сектор.
И професорот на Машински факултет, Атанаско Тунески, се согласува со ставот дека не треба да се форсира брзата транзиција кон обновливи извори на енергија, напротив земјите што стојат најлошо од економски аспект треба последни да влезат во таа енергетска транзиција, а не да се туркаат со сила, велејќи дека треба да ни се дозволи транзицијата да се одложи за одреден период во кој би можеле да достигнеме едно ниво на развој како побогатите земји
– Една од опциите е некој да го плати тоа како дотации, грантови, субвенции, бидејќи ние со наши сили не можеме да таа транзиција кон „зелена агенда“, не сме во добра финансиска кондиција. Сметам дека треба да ја направиме таа енергетска транзиција, но не со форсирање и по секоја цена, најпрво мора да постигнеме некое економски ниво како побогатите европски земји, па потоа кога ќе стекнеме некоја моќ, да влеземе во таа „зелена агенда“ – објаснува Тунески.
Тој прашува кога сериозни држави во услови на енергетска криза како изминативе години се враќаат на јагленот привремено тогаш што останува за држава како нашата, сиромашна и увозно зависна.
– Ние мора одржливо да го правиме сето ова, за да може да преживееме, а не да ја умртвиме економски целата држава. Треба да се направат енергетските ресурси достапни и за најсиромавиот, ако ги затвориме капацитетите на јаглен, ќе мораме да ја обезбедиме таа струја од некаде, а тоа значи увезување, наедно огромен дел од населението нема да може да ги плаќа тие ресурси, бидејќи приходите се ниски, а сметките за струја од три илјади ќе се зголемат на 10 илјади. Ни требаат стратегиски чекори и да се размислува од аспект на граѓаните.