За името се работи

Ново охрабрување за преземање чекори во насока на иницијатива за враќање на името Македонија е неодамнешното усвојување на резолуцијата за итен прекин на огнот во Појасот Газа, во Генералното собрание на ООН. Македонските експерти, кои не се откажуваат од идејата за враќање на името на државата, Македонија, проценуваат дека на ист или сличен начин (процедура) би се одвивале работите и со евентуалната македонска нацрт-резолуција во Генералното собрание на ОН, како што се одвивале со резолуцијата за прекин на огнот во Појасот Газа, само се потребни добри подготовки и педантно да се одработи, во името на правдината, во името на меѓународното право и процедурите и, се разбира, од името на Македонија и македонската нација!

По секој самит на ЕУ со рутински изразена поддршка за проширувањето (секако откако ЕУ ќе се реформира, веројатно ќе смислува креативни невозможни услови за кандидатите), со секој „пријателски“ притисок на меѓународниот фактор за голтање жаби на македонскиот пат за евроинтеграции… работата со болните, евентуално потиснати емоции кај Македонците – се враќаат на почеток. Секој нов манипулативен наратив од Брисел, со замена на тези и вешто префрлање на вината на македонска страна, за изневерените ветувања на ЕУ и непринципиелните уцени на нејзините земји членки, е враќање на болката за залудноста на сменетото име на државата со Преспанскиот договор. Се чини дека „терапијата на лекување“ што меѓународната заедница ја применува спрема Македонија е една нанесена неправда да се потиснува со уште поголема. Така, по неправедниот Преспански договор со Грција и промената на името на државата со географска одредница, сега се чини дека ЕУ планира уште долго да игра по жицата на бугарските намери за претопување на македонскиот национален идентитет во бугарски… сѐ додека, наводно, не се реформираат. Притоа, дрско и речиси сурово, со „пријателски тон“ се кажува дека тоа е „најдоброто што може“ Македонија и Македонците да го добијат, па дури и дека немаат потреба да се повикуваат на цивилизациските човекови права на самоопределување и самоименување, на Повелбата на Обединетите Нации… А принципите и вредностите на кои е заснована ЕУ не се „достапни“ за Македонците, сѐ до полноправното членство на Македонија во клубот, што би требало (но и понатаму без гаранции) да се случи само кога ќе секне креативноста за смислување непринципиелни услови и процедури од самата Унија. Дури и да сакаат да се помират со сменетото име на државата, таквите апсурдни политики на ЕУ постојано ја одржуваат жива идејата за враќање на старото уставно име, Македонија, и тоа за севкупна употреба.
Од претходното тридецениско искуство со наметнатиот спор од Грција, за правото на Македонците својата држава да ја нарекуваат Македонија, на сите ни е јасно дека таквата процедура се спроведува во Обединетите нации. Секако, првично обесхрабрувачки е што и покрај изразеното референдумско неприфаќање на Преспанскиот договор и менувањето на името, од страна на македонските граѓани, тоа беше спроведено во Обединетите нации по низа политички акции на работ на законот, дури и незаконски, на внатрешен македонски политички план.

Токму таквите незаконски акции за имплементација на Преспанскиот договор, наречени „балкански методи“ од тогашните претставници на ЕУ, се аргументот на политичкоправните експерти, кои не се откажуваат од идејата за официјално враќање на името на државата, Македонија, низ процедурите во Обединетите нации.
Според тие експерти, Преспанскиот договор треба еднострано да се раскине, врз основа на кршење на императивните правни норми, а пред сѐ поради фактот што Преспанската спогодба е асимилаторски акт. Со тој акт се овозможува асимилирањето на Македонците во соседството и секаде во светот, според принципот ерга омнес. Асимилацијата со надворешен правен акт секогаш се смета за насилна асимилација, односно кршење на императивното право, јус когенс. „Технологијата“ за враќање на името што се предлага е со дипломатска нота да се раскине Преспанскиот договор, а за тоа да се информира ООН. Резолуцијата за враќање на името, предложена од наша страна, треба да помине на гласање во Генералното собрание на ОН, со просто мнозинство од присутните. Ние самите би можеле да предложиме резолуција, но можеме да побараме и предложиме „коспонзорство“ од повеќе други држави членки на ООН.
Ново охрабрување за преземање чекори во насока на иницијатива за враќање на името Македонија е неодамнешното усвојување на резолуцијата за итен прекин на огнот во Појасот Газа, во Генералното собрание на ООН. Македонија е меѓу земјите што ја поддржаа резолуцијата, додека Израел и Соединетите Американски Држави беа против. За усвојување на резолуцијата гласаа 153 земји, 10 беа против, а 23 членки на ОН беа воздржани. Нацрт-резолуцијата беше поднесена од група од 20 арапски земји и Организацијата за исламска соработка. На седницата на Генералното собрание на Обединетите нации не беше усвоен австрискиот, ниту американскиот амандман на нацрт-резолуцијата за прекин на огнот во Појасот Газа.

Македонските експерти, кои не се откажуваат од идејата за враќање на името на државата, Македонија, во ООН, проценуваат дека на ист или сличен начин би се одвивале работите и со евентуалната македонска нацрт-резолуција во Генералното собрание на ОН, како што се одвивале со резолуцијата за прекин на огнот во Појасот Газа.
Секако, за тоа е најмногу потребна политичка волја и интерес на македонската политичка елита, особено на онаа што е (ќе биде) на власт. Болката од неправдата со промената на името на државата во македонското национално ткиво не стивнува. Меѓународниот фактор не покажува сигнали дека ги цени националните жртви на Македонците. За започнување со чекор во Обединетите нации, колку што е потребна политичка храброст, уште повеќе се потребни упорност и верба дека и на Македонија и на Македонците им припаѓаат истите цивилизациски и човекови права, со кои демократскиот свет сака да се гордее дека се неприкосновена придобивка за сите.