Кривична пријава против 27 лица поради незаконско внесување категории во возачки дозволи, меѓу нив и вработена во МВР, поднесе Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство Скопје.
Од МВР информираат дека истрагата открила злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи, преку незаконски измени на податоци во електронскиот систем и издавање јавни исправи со невистинита содржина.
Вработената во Одделението за управни работи Скопје е осомничена дека во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја службената шифра и овластувањата, незаконски менувала претходно креирани барања за возачки дозволи. Во одредени случаи отфрлала веќе оформени барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови.
По измените, барањата биле одобрувани и биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина.
На овој начин биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во еден случај постапката останала во обид.
Истрагата утврдила и дека четири лица биле посредници, кои, во договор и содејство со вработената во МВР, пронаоѓале заинтересирани лица и ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите.
Од МВР посочуваат дека истата вработена претходно, во периодот од февруари до април 2021 година, била отстранета од работното место, а потоа и од Министерството поради кривична пријава за злоупотреби при издавање лични документи. На 15 јануари 2025 година, врз основа на судска пресуда, била вратена на работното место.
За вработената во МВР постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „Фалсификување исправа“ и едно такво дело во обид.
Останатите пријавени лица, според МВР, се сомничат дека во соизвршителство учествувале во незаконското издавање на возачките дозволи. И самите лица кои ги добиле дозволите, иако не ги исполнувале условите за соодветните категории, се опфатени со кривичната пријава.
Дополнително, шест лица ги употребиле незаконски издадените возачки дозволи при преминување на државната граница. Две од нив ги користеле и во постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за возачи во меѓународен превоз на патници и стоки.
Поради случајот, МВР го известило Министерството за транспорт и побарало вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати, како и преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати.
Против вработената ќе биде поднесен и предлог за поведување дисциплинска постапка, а до нејзиното завршување ќе биде суспендирана од работното место.


































