Дуда беше прв во забрзан шах и водеше до последниот ден, но на крајот имаше еден поен помалку од Карлсен, откако имаше шанси, но не ја доби последната партија, во брз шах, токму против Карлсен (реми во 124-от потег)

ВТОР ТУРНИР ОД ГОЛЕМАТА ШАХОВСКА СЕРИЈА ЗА 2023 Г.

Поранешниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен победи на вториот супертурнир годинава, со забрзано и со брзо темпо на игра, во Варшава (Полска), од Големата шаховска серија, благодарение на одличната игра во вториот ден од делот во брз шах (пет минути плус две секунди по секој потег), освојувајќи вкупно 24 поени од 36 можни (24/36). Тој ја доби и паричната награда од 40.000 долари од вкупниот награден фонд од 175.000.
Втор е Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда, кој беше прв во забрзан шах (25 минути плус 10 секунди по секој потег) со 13/18 поени (Карлсен беше петти со 10/18) и водеше до последниот ден, но на крајот имаше еден поен помалку од победникот, откако имаше шанси, но не успеа да ја добие последната партија, токму против Карлсен (реми во 124-от потег), со што ќе стекнеше шанси за играње плејоф. Третото место го поделија Американецот Весли Со и Французинот Максим Вашер-Леграв, со по 21,5 поен, а Американецот Левон Аронијан е петти со 20,5 поени.
Големата шаховска турнеја (има вкупно пет турнири) продолжува со турнирот во забрзан и во брз шах, во Загреб (Хрватска, 3-10 јули). Големата шаховска турнеја за 2023 година почна со првиот од двата турнира во класичен шах, во Букурешт (Романија), каде што победи Американецот Фабијано Каруана, кој освои и 100.000 долари од вкупниот награден фонд од 350.000 долари.
По два турнира води Со со 15,3 поени, втор е Дуда со 14,5, трет е Каруана со 13… На секој турнир играат по 10 шахисти. Г.И.