Фото: „Нова Македонија“

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2026

По една победа и реми и два пораза е епилогот на четворицата македонски шахисти во седмото коло на 26. поединечно Европско првенство (ЕП) во Катовице (Полска). Во ова коло победа (вкупно трета) со црни фигури оствари само ФМ Андреј Велјаноски (рејтинг 2.255, рангиран 287. пред турнирот), против ЖФМ од Полска, Емилија Спшечка (2.065, 394.). Половина поен со црни фигури впиша ФМ Антон Златков (2.299, 254.) против ВМ од Ерменија, Гарибјан Мамикон (2.487, 95.). Порази претрпеа ИМ Емил Ристески (2.416, 152.) со црни фигури од ВМ од Унгарија Гергели Кантор (2.544, 53.) и ИМ Тони Лазов (2.389, 183.) со бели фигури од романскиот ВМ Константин Лупулеску (2.587, 28.).
На ЕП 2026, на кое играат 501 шахист од 41 држава (94 ВМ), предвидени се 11 кола, а по седмото Златков е најдобропласиран Македонец, на 77-то место, со 4,5 поени, Ристески е на 197-то со четири поени, Велјаноски на 216-то, а Лазов е на 219-то место, двајцата со по 3,5 поени. Во водство се четворица шахисти, но според дополнителниот критериум засега води ВМ од Азербејџан, Ајдин Сулејмани (2.653, 4.), со шест поени. Г.И.