ШАХ – ТУРНИРИ НА КАНДИДАТИТЕ
- Кај шахистките шест кандидатки уште беа во игра за триумф пред вчерашното последно коло на годинашниот турнир
Узбекистанскиот велемајстор (ВМ) Јавокир Синдаров триумфира на Турнирот на кандидатите во Пафос (Кипар), откако во претпоследното 13. коло ремизира со Аниш Гири (Холандија) и се стекна со право да игра за светската шаховска круна годинава со актуелниот првак Домараџу Гукеш (Индија). Синдаров има предност од два бода пред другите конкуренти. Во другите три партии од ова коло, Веи Ји (Кина) го победи Андреј Есипенко (Русија), а ремизираа Фабијано Каруана (САД) и Прагнананда Рамешбабу (Индија), односно Хикару Накамура (САД) и Матијас Блубаум (Германија).
– Голема благодарност до моето семејство, тренерот, секундетите и до сите што ме поддржаа за време на овој долг настан. Секое коло беше многу тешко, а последната недела беше најтешката во мојот живот. Дури и спиев многу лошо претходните денови. Многу сум среќен што заврши ова – рече Синдаров.
Синдаров (20), кој стана ВМ на 12 години, 10 месеци и осум дена, беше дел од репрезентацијата на Узбекистан што победи на 44. Шаховска олимпијада во 2022 година. Највисокиот рејтинг го достигна овој месец (2.745) и е 11. на светската рејтинг-листа. Тој играше одлично во текот на целиот турнир, добро подготвен, самоуверен, брз и практичен во своите одлуки на таблата. По 13 кола има шест победи (по три со бели и со црни фигури) и седум ремија, постигна најголем број победи откако е воведен двокружниот формат во 2013 година, а го израмни и вкупниот број поени, 9,5, постигнат од Русинот Јан Непомнијашчи (во Мадрид, во 2022 г.). За време на турнирот, Синдаров освои нови 30,5 рејтинг-поени.
За разлика од некои од неговите современици, искачувањето на Синдаров на највисоко ниво беше постепено. Откако ја освои титулата ВМ и ја помина границата од 2.500 поени во 2018 година, му беа потребни повеќе од три години за да ја надмине бариерата од 2.600. Поминаа уште две години пред да надмине 2.700. Годината на пробив беше ланската, која ја почна со рејтинг 2.692 и ја заокружи со тогашен најдобар резултат во неговата кариера 2.726.
На Турнирот на кандидатките, Бибисара Асаубаева (Казахстан) ја победи Ана Музичук (Украина) и се изедначи со по 7,5 поени на врвот заедно со Ваишали Рамешбабу (Индија), која ремизира со Тан Жонгји (Кина). Други резултати: Катерина Лагно (Русија) – Дивја Дешмух (Индија) 1-0, Александра Горјачкина (Русија) – Жу Џинер (Кина) 1-0. Во вчерашното последно коло се решаваше дали ќе има победник или ќе има доигрување.
Табела, мажи: Синдаров 9,5 поени, Гири 7,5, Каруана и Веи по 6,5, Блубаум и Накамура по шест, Рамешбабу 5,5, Есипенко 4,5.
Табела, жени: Рамешбабу и Асаубаева по 7,5, Џинер 7, Музичук, Лагно и Горјачкина по 6,5, Жонгји 5,5, Дешмух пет. Г.И.
































