ОДБОЈКА – ЗАВРШИ ЕП ЗА ЖЕНИ (ДО 19 ГОД.) ВО СКОПЈЕ
Одбојкарките на Италија (до 19 години) ја освоија шампионската титула на Европското првенство (ЕП), кое се одржа во Скопје, победувајќи ја Србија во финалето, по голема борба во пет сета, со 3-2 (17-25, 27-25, 25-21, 15-25 и 17-15).
Третото место и бронзениот медал им припаднаа на одбојкарките на Полска, кои во малото финале беа подобри од Холандија, со 3-1 (25-16, 24-26, 27-25 и 25-21).
Македонските одбојкарки на деби-настапот на едно врвно европско натпреварување го освоија последното, 12-то место, по петте порази во групната фаза и без ниту еден освоен сет (од Полска, Италија, Словенија, Грција и Финска). Имајќи го предвид неискуството на младите одбојкарки на Македонија, и не можеше да се очекува многу повеќе.
Двете најдобри селекции од ЕП, Италија и Србија, си обезбедија настап на Светското првенство (до 21 год.), кое ќе се одржи во 2023 година. Л.Д.