Фото: Игор Бансколиев

Деновиве истовремено се појавија најави за политичко прегрупирање и формирање нови партии и во македонскиот и во албанскиот политички блок. Која е причината за појавувањето на новите политички субјекти и што може да се очекува од нив

ПО НАЈАВИТЕ ЗА ФОРМИРАЊЕ НОВИ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ

Бранувањето на постојано разбрануваната политичка сцена во Македонија што го предизвикаа најавите за формирање нови политички субјекти, логично го предизвикува интересот на јавноста за капацитетот за промени (на подобро) што би можела да ги донесе изразената намера за прегрупирање или збогатување на политичката сцена. Интересно е што амбиции за групирање нова политичка енергија истовремено се појавуваат и во македонскиот и во албанскиот политички блок.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, веќе и официјално најави трка на изборите и на централно ниво – на следните парламентарни избори, кога и да се случат тие, според концептот на иницијативата „За наше Куманово“ од локалните избори во октомври минатата година, со која како независен кандидат успеа да го освои вториот градоначалнички мандат во Куманово. Првиот мандат, во 2017 година го освои како партиски адут на СДСМ.
– Македонија има потенцијал и потенцијални кадри што можат да бидат составен дел на новото граѓанско движење, кое ќе излезе на политичка сцена на следните парламентарни избори… Иницијативата е отворена за сите што се добронамерни. Но морам да напоменам дека првично позициите и одговорностите во оваа нова политичка гарнитура ќе ги носат луѓе од сегментот на образованието, бизнис-фелата, земјоделци, интелектуалци, работници и луѓе со опит што досега немаат вршено каква било јавна или политичка функција, а особено не луѓе зад кои се влечат поранешни хипотеки – ги претстави своите намери и политички амбиции градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Ѓула Челику, професорка по политички науки и меѓународни односи на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово, како претседателка на новата етничка албанска партија Европско граѓанско движење, самоуверено ја предизвикува ДУИ, партија од албанскиот блок, која речиси 20 години е константа во сите коалиции на власта.

– Нормално дека имам сила да ја урнам Демократската унија за интеграција, инаку не би основала политичка партија.. Ние, група на интелектуалци, приоритетно експерти за политички науки, а потоа и од секоја професија во секоја потребна област, го конституиравме Европското граѓанско движење како потреба на времето. Барањето рамноправност и мултиетничност ќе биде суштината на програмата на нашата партија. Сум била опозициски настроена, бидејќи сум сакала да падне режимот… Во нашата партија се потпираме и врз личности од меѓународната заедница – ги претставува целите на својата партија Ѓула Челику.
Некои од прашањата што се наметнуваат како првична реакција на формирањето нови политички партии се: На што се резултат ваквите политички прегрупирања? На кој дел од избирачкото тело му се обраќаат? Можат ли да направат некаков пресврт во политичкиот амбиент и да понудат решенија за политичките предизвици што го поларизираат македонското општество? Политичките аналитичари имаат интересни согледувања на сите овие дилеми.
– Секое време носи нови предизвици, новите генерации носат нови парадигми, кои старите партии треба да пронајдат начин да ги прифатат и да ги внесат во својата структура на постоење и функционирање, или ќе се појават нови политички субјекти што ќе ги артикулираат новите парадигми. Всушност, позната е мислата дека во иста река двапати не се влегува. Ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ денес не се истите партии од почетокот на деведесеттите од минатиот век. Не само на македонската политичка сцена туку и во регионот е присутен тој процес на фрагментација на старите партии и создавање нови политички субјекти… Секако, нивното одржување зависи од тоа дали успеваат да понудат нешто автентично и препознатливо како нова партија и да го исполнат тоа што го ветиле. Но формирањето нови политички субјекти е израз на потребата во општеството да се артикулираат новите политички парадигми – вели поранешниот амбасадор Ивица Боцевски.

За очекувањата од новите партии, Боцевски смета дека е прерано да се даваат оцени, но, сепак, нивното опстојување многу зависи од понудата и политичкото позиционирање. Тој констатира дека во еден период имало згуснато позиционирање на партиите во опцијата на центарот, како дистанцирање од големите идеолошки спротивставени партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но таквиот начин на политичко дејствување се покажал како неуспешен за таквите субјекти. Од сегашната понуда на, условно кажано, помалите партии на политичката сцена, Боцевски проценува дека треба да се следи развојот на Левица, како и на новонајавеното движење на Максим Димитриевски, а во албанскиот блок – внимание заслужува понатамошното позиционирање на Беса, по успехот на повторените локални избори во Тетово.
Политикологот Петар Арсовски цени дека најголемиот предизвик на новите политички субјекти не е нивното формирање, туку нивното опстојување, односно да ја надминат судбината на цунами-партии.
– Најавата за формирање и активирање нови политички субјекти, како во македонскиот, така и во албанскиот партиски блок, првично ја создава индицијата дека гласачите се заситени и уморни од досегашната политичка понуда на постојните партии. Навистина, во албанскиот политички блок има одредени раздвижувања низ годиниве, со создавање, но и згаснување на политички субјекти. Но политичката сцена во македонскиот блок е релативно статична од 2006 година. За секоја нова партија што успеала да артикулира одредено расположение како резултат на некои променети политички состојби, првиот предизвик е како да се преживее цунами-ефектот, т.е. – брзо се создаваат, дејствуваат енергично додека постојат, но исто така и брзо исчезнуваат.

Примери за такви цунами-партии имаме повеќе во регионот: од Партијата на Миро Џерар во Словенија, преку Мост во Хрватска, па се чини дека натаму се движи и партијата на Кирил Петков, Продолжуваме со промените, во Бугарија. Во политички амбиент каде што има доволно разочарани граѓани од тековните состојби и политики што не даваат резултати, изгледа лесно да се добие поддршка за формирање нова партија. Сепак посложен проблем е да опстане новоформираната партија. Со самото свое појавување, особено ако има амбиција да преземе дел од дефинираното гласачкото тело на големите партии, новата партија станува цел за опструкции на големите. Оние партии што, условно кажано, пополнуваат дупка во политичкиот простор, кои го собираат делот од „неопределените“, можат поуспешно да се позиционираат. Како на пример Левица, која го артикулира антиестаблишмент-расположението во македонскиот политички простор. Сепак, за да се создаде и одржи голема партија, потребна е голема работа, од создавање инфраструктура, општински комитети… секако и обезбедување стабилна финансиска поддршка – вели Петар Арсовски.