Премиерот Ковачевски вчера се сретна со бугарскиот технички премиер Донев при што разговарале за енергетски прашања. Дали ќе стане збор и за репарации?

Полска неодамна побара исплата на репарации од Германија за претрпената штета во периодот на Втората светска војна. Поради бугарската фашистичка окупација врз Македонија, официјална Софија исто така подлежи на законска обврска да ѝ плати отштета на Македонија, која, според некои процени, изнесува околу половина милијарда долари. Според енергетичарите, тие пари би можеле да се искористат за справување со претстојната енергетска криза. Токму енергетската криза е тема и на посетата на премиерот Ковачевски на Софија. Но дали ќе стане збор и за репарациите

МАКЕДОНИЈА ДА ГО СЛЕДИ ПРИМЕРОТ НА ПОЛСКА

Додека македонскиот премиер Димитар Ковачевски и делегацијата од ресорите економија и енергетика се подготвуваа за еднодневната посета на Бугарија за да разговараат како поефикасно двете земји да се справат со енергетската криза, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков јасно порача дека односите меѓу двете држави имаат многу димензии, односно дека тие се повеќеслојни и не можат да се мерат со прашањата за снабдување со електрична енергија. Ова покажува дека Бугарија не е подготвена да соработува со Македонија ниту во справувањето со енергетската криза доколку тоа не подразбира решавање и на други прашања на кои Софија инсистира и кои се најдоа во протоколот што стана дел од преговарачката рамка на земјава со ЕУ.
– Се очекува да се разговара за широк спектар прашања и да се направат видливи чекори за решавање на сите прашања. Работите ќе се разгледуваат во нивната меѓусебна зависност – изјави Милков и додаде дека кога ќе дојде премиер од соседна држава, треба да се постават сите прашања што би биле од интерес за двете земји.
Од неговата изјава произлегува дека Бугарија дури и енергетската криза ја (зло)употребува како алатка за уцена, па во тој случај можеби е крајно време македонската страна конечно на уцените да одговори така што и таа ќе почне да поставува „повеќеслојни“ прашања што имаат многу поголема тежина и легитимитет отколку бугарските уцени. Имено, крајно време е Македонија да почне да се однесува европски, следејќи го последниот пример на Полска.
Имено, полската влада, симболично на 1 септември, денот кога пред 83 години официјално започна Втората светска војна, објави тритомен извештај на кој од 2017 година работеле повеќе од 30 економисти и историчари и, според кој, Германија треба да ѝ исплати репарации на Полска во висина над 1.320 милијарди долари поради предизвиканите човечки жртви и причинети материјални штети.
За време на Втората светска војна се убиени околу шест милиони Полјаци, вклучувајќи ги и оние со еврејско потекло. На земјата, од 1939 до 1945 година, ѝ беше нанесена огромна штета, а Варшава беше срамнета со земја за време на востанието во 1944 година, кога беа убиени 200 илјади цивили. И по повеќе од 75 години од крајот на Втората светска војна, Германија продолжува и ден-денеска да им исплаќа репарации на семејствата на жртвите од фашистичкиот режим, признавајќи ја сопствената вина за холокаустот, а пред извесно време околу 150 илјади еврејски жртви на нацистичкиот режим добија итна финансиска помош во износ од околу 1.400 американски долари по лице во знак на помош за излез од финансиските проблеми предизвикани од пандемијата на ковид-19. Слични вакви репарации и отштета треба да побара и Македонија од Бугарија за сите злосторства што бугарскиот фашистички окупатор ги извршил во Македонија.
Бугарија, како дел од силите на оската и близок сојузник на Германија во Втората светска војна, ја призна својата деструктивна улога и беше обврзана да ѝ исплати репарации на поранешна ФНР Југославија во висина од 25 милиони тогашни американски долари, во најголем дел поради штетите и жртвите предизвикани во Македонија.

Од овие средства, најголем дел или речиси сите се однесувале на штетите предизвикани во земјава, со оглед на фактот што Бугарија за време на Втората светска војна во најголем дел ја имаше окупирано територијата на Македонија и тука ги направи најголемите злосторства, убивајќи цивилно население, протерувајќи ги Евреите во логорот на смртта во Треблинка, како и уништувајќи ја инфраструктурата.
Тие 25 милиони долари што Македонија требало да ги добие како репарации од Бугарија во 1946 година денеска вредат близу 400 милиони долари, па тргнувајќи од логиката на шефот на бугарската дипломатија Милков, дека е важно да се разговара за широк спектар на прашања, тогаш македонската делегација може да го отвори прашањето за репарациите и нивна компензација со испорака на електрична енергија или некаква друга инвестиција во енергетскиот сектор во земјава. Така постапи Русија со клириншкиот долг, кога 60 милиони долари долг ги намири со изградба на гасоводот од Клечовце до Штип.
Енергетичарите се согласуваат дека на уценувачката политика на Бугарија ѝ нема крај и дека нема ништо страшно ние повторно да го отвориме прашањето за воените репарации што Бугарија треба да ѝ ги исплати на Македонија, како сојузник на нацистичка Германија.
– Тоа сега го прави Полска кон Германија, не гледам зошто и Македонија да не го направи кон Бугарија. На Бугарите, дури и во време кога цела Европа и светот не знаат како ќе преживеат оваа зима, им се поважни македонскиот јазик и историја. Да, треба и ние да побараме Бугарија да ги исплати тие репарации – вели професорот и енергетичар Константин Димитров.
Според него, со тие пари би можеле некоја година да добиваме бесплатна струја од Бугарија или, пак, да се инвестира во енергетски капацитети.
– Со сегашниве галопирачки цени на електричната енергија нема долго да трае исплатата на репарациите од страна на Бугарија во вид на бесплатна струја. Можеби е подобро репарациите да се исплатат така што ќе се направат две гасни централи од по 220 мегавати или, пак, да се покријат дел од средствата за изградба на толку најавуваниот „Чебрен“ – појаснува Димитров.


Седница на Советот за безбедност за енергетската криза

Денеска во кабинетот на претседателот на државата ќе се одржи 17-та седница на Советот за безбедност.
На дневен ред на седницата ќе бидат енергетската криза во Република Северна Македонија и мерките за нејзино надминување.
На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, ќе присуствуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши.
По завршувањето на седницата на Советот за безбедност ќе следуваа изјави на претседателот Стево Пендаровски и на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, велат од кабинетот на претседателот Пендаровски.